Достапни линкови

Недостатокот на квалификувана работна сила во Македонија пречка за странските инвестиции


Една од причините поради која повеќето странски инвеститори не се одлучуваат да дојдат во Македонија е недостигот на квалификувана работна сила, предупредуваат економските експерти. Ние се обидуваме да ги следиме глобалните трендови, но притоа користиме застарени методи, вели Петар Лазаров, сопственик на приватна фирма за промоција на македонски производи:

„Државата е фокусирана на привлекување на инвеститори од напредните технологии и индустрии. А, ние не можеме да им вратиме на тие инвеститори со луѓе кои би работеле во тие индустрии.“

Дека на Македонија и недостига квалификуван кадар се согласува и генералниот менаџер на фабриката Европа, Савка Димитрова. Главната вина за ваквиот надолен тренд таа ја гледа во образовниот систем во земјава.

„Сметам дека има одредена девалвација на нашето високо образование. Со предимензионирањето на факутетите и не оди адекватно со зголемувањето на школството.“

За разлика од ваквите мислења, проф. Сеадин Џафери од Универзитетот на Југоисточна Европа, смета дека Македонија нуди добро обучени кадри, но поради неможноста да најдат работа, најголемиот дел од нив заминува надвор од земјава.

„На сите универзитети во државата, било јавни или приватни недостасува практична работа, значи врска меѓу праксата и теоријата.“

За да се поправи оваа слика потребни се инвестиции во образоованието, но и позаинтересиран однос од страна на работодавците, велат упатените. Во иднина треба да инвестираат во тренинзи и надградба на знаењата на вработените.

„Фирмите многу малку инвестираат во свои кадри, во едукација, обуки, само 1% од инвестициите во Македонија одат на едукација.“
„Сигурно дека додека има голема понуда, многу невработени од кои може да бираат и работодавците не се многу заинтересирани во школувањето на кадрите, сметајќи дека може да добијат бесплатно од пазарот,“


изјавија Лазаров и Димитрова.

Експертите посочуваат дека иако квалификуваната работна сила не е одлучувачки фактор за привлекувањето на странски бренд на македонскиот пазар, таа претставува привилегија за потенцијалните инвеститори.
XS
SM
MD
LG