Достапни линкови

Сличните барања го отежнуваат изборот на партнер од албанскиот блок, велат експертите


Постои разлика меѓу мајскиот договор што ДУИ го склучи со ВМРО ДПМНЕ кој и официјално е во пишана форма, склучен со посредство на меѓународната заедница наспроти т.н. мартовски договор постигнат со ДПА кој се сведува само на изјава и не постои, одговараат од Демократската Унија за интеграција од каде посочуваат дека исполнувањето на барањата од мајскиот договор е обврска на премиерот Груевски.

,,Мартовскиот договор сметаме дека не постои, тој договор беше само така најавен само за да се каже дека ДПА има некој договор со премиерот Груевски.“

Вели Рафиз Алити од оваа партија. За разлика од ДУИ, во ДПА и ВМРО ДПМНЕ не коментираат околу заедничкиот склучен т.н. мартовски договор. Во власта нема ниту одговор за тоа што ќе биде клучно при изборот на партнер во владата од албанските партии со оглед на сличните барања што и ДУИ и ДПА ги имаат склучено со ВМРО ДПМНЕ. Премиерот и мандатар Груевски единствено посочи дека нема да коалицира со партнер кој нема да има изборен легитимитет, па дури и по цена ниту една од двете партии да не влезе во владата. Експертите на став дека сличните барања го отежнуваат изборот на иден партнер:

,,Сите барања се исти бидејќи извираат од националното ткиво на албанската етничка заедница во Македонија.“

Вели професорот Јетон Шасивари. Разликата не е видлива и двете страни во спогодбите бараат решавање на прашањето на јазиците, знамињата, решавање на статусот на поранешните борци од конфликтот, правична застапеност на алабанската заедница, решавање на прашањето со бадентеровиот принцип смета и професорот Мирјана Малевска:

,,Работата е во тоа што национализмот и радикализмот е најпродавана стока така да кажам на гласачкиот пазар и албанските партии, како и впрочем македонските партии многу пати порано, се натпреваруваат кој ќе биде порадикален.“

Малевска додава дека заради освоеното мнозинство можно е Груевски да не одбере ниту една од партиите од албанскиот блок, што додава таа, не би било добро:

,,Се плашам дека ќе започне да функционира влада која нема да има партнер од албанската страна.“

Професорот Шасивари пак на мислење дека за да се избегнат проблеми би било добро да се создаде кохабитациона влада, односно и двете партии да се вклучат во власта. Или пак следната можност е додава Шасивари, Груевски да ги условува партиите од албанскиот блок:

„Кај евентуалните партнери да го спушти нивото на барањата за да обезбеди релаксирано владеење.“

Смета Шасивари. Пред изборите ВМРО ДПМНЕ формираше работни групи на кои започнаа да се разгледуваат барањата на ДУИ и ДПА, содржани во мајскиот односно мартовскиот договор.
XS
SM
MD
LG