Достапни линкови

logo-print

Потребно е јавно-приватно партнерство за развој на железницата кон алтернативните пристаништа


Иако изнаоѓањето на алтернативни патишта за извоз на македонските производи бизнисмените го оценуваат како позитивен потег, сепак тие сметаат дека ова требаше да се направи од поодамна. Стопанственикот Ристо Гуштеров објаснува дека пред петнаесетина години кога неговата фирма се соочила со проблеми околу извозот на производите преку солунското пристаниште,алтернативата ја нашол преку Бургаското пристаниште,за кое вели дека е многу подобро и по професионално од солунското.

„Македонските бизнисмени и стопанската комора постојано во последните 18 години или ја откриваат Америка или измислуваат топла вода. Алтернативни решенија Македонија мораше да бара и да има во целиот период од распадот на Југославија. Состојбата во ништо не се изменила. Само треба да се појде, да се разговара со властите на бургаското пристаниште и да се реши целиот проблем што ние денеска го имаме со Солун,“

вели Гуштеров и додава

„Не може да има негативни последици, некогаш најважен елемнт во биснисот е стоката да стигне на време.“

Според бизнисменот Митко Секуловски сепак актуелизирањето на ова прашање е добро за македонските фирми.

„Никогаш не е доцна да се оствари некоја идеја. Мислам дека треба да ја имаме таа алтернатива. Моментно само го имаме Солун, така што не е на одмет да имаме и алтернатива со Драч.“

Проблемот со кој се соочуваат македонските бизнисмени при извоз преку солунското пристаниште не е поврзан со проблемите со кои се соочува државава со соседна Грција велат од Стопанската комора на Македонија.

„Солунското пристаниште моменто се приватизира. Проблемите од тој процес се одразуваат на работењето и тоа е причина зошто и ние имаме проблеми. Тоа не се проблеми само за нас, туку и за сите корисници за Солунското пристаниште,“

посочува Љубица Нури директор на дирекција за меѓународна соработка промовирање и информирање. Таа исто така додава дека лошата патна инфраструктура преставува проблем за реализирање на останатите решенија

„Железниката инфраструктура е голем проблем, а се работи за мала километража. И од бугарска и од албанска страна железницата е дојдена до граница. Дефинитивно е потребно приватниот сектор, преку модел на приватно – јавно партнерство да има поголема иницијатива, користејќи ги европските фондови,“

изјави Нури.
XS
SM
MD
LG