Достапни линкови

Како да се надмине кризата по ирското „не“ за Лисабонскиот договор


Шефовите на држави и на влади на Европската унија денеска во Брисел ќе го започнат дводневниот Европски совет, по втор и последен пат откако Словенија во почетокот на годинава го презеде шестмесечното претседавање на Унијата. Главно прашање ќе биде како да се надмине кризата откако на референдумот во Ирска беше отфрлен Лисабонскиот договор. Ќе се разговара и за европската перспектива за Западен Балкан, а во тие рамки и за Македонија.

Најавувајќи го самитот во Брисел претседателот на Европскиот совет, словенечкиот премиер Јанез Јанша изјви дека критериумите за членство на Македонија се познати и оти на понеделничкиот состанок, шефовите на дипломатиите на членките наУнијата се расправале со цел да најдат заеднички јазик и да ги усогласат заклучоците за Западен Балкан што ќе бидат разгледувани на самитот.

„Македонија, според мое мислење, со тоа што делумно ги повтори изборите, ги задоволи демократските стандарди и подготвена е за завршување на реформите неопходни за почнување на преговорите со Унијата. Македонија, исто така, треба сериозно да се соочи со клучниот политички предизвик, а тоа изнаоѓање компромис за името.“

Изјави Јанша, додавајќи дека компромисот и потребен на Македонија не само за нејзиниот напредок на патот кон Европската унија, туку и за напредокот кон НАТО и оти големи напори за решавање на спорот меѓу Македонија и Грција вложуваат и европските земји и Обединетите нации.

„Тоа не е од интерес само за тие две држави, туку и од интерес на Европската унија за да не дојде до застој во бришењето на сивата зона на земјите од Балканот кои се уште не се членки на Европската унија“

Оценува словенечкиот премиер Јанез Јанша.

Расправата за Западен Балкан најпрвин, како што е најавено, треба да ја почнат токму министрите за надворешни работи на денешната заедничка вечера, а утре се очекува евро лидерите да ја реафирмираат нивната поддршка за европската иднина на регионот, како и да ја нагласат потребата за натамошни мерки за негово приближување кон Унијата. Инаку, главна тема на дводневниот самит ќе биде ирското ,,не,, на Лисабонскиот договор за поцврсти институционални врски на Европската Унија. Како што е најавено, ирскиот премиер Брајан Ковен треба да ги образложи причините за отфрлање на Лисабонскиот договор и оти притоа од голема важност е лидерите да покажат дека Унијата треба да продолжи на патот на натамошно европско поврзување. На самитот ќе биде разгледана и подготвеноста на Словачка да го прифати еврото како своја валута во јануари догодина. Ќе се разговара и за можните краткорочни и долгорочни мерки за запирање на последиците од зголемувањето на цените на нафтата и на храната во светот, како и за спроведувањето на Милениумските развојни цели.
XS
SM
MD
LG