Достапни линкови

САД продолжуваат да ја поддржуваат владата на Македонија


Стејт департментот продолжува да ја поддржува владата на Македонија во нејзините напори да се справи со широк спектар на прашања, меѓу нив и членството во НАТО. Ова на редовната прес конференција во Вашингтон го изјави заменик портпаролот на Стејт департментот Том Кејси, кој уште еднаш ја повтори оценката на ОБСЕ за неделното прегласување.

,,Се согласуваме со оценката на мониторите на ОБСЕ дека на прегласувањето на предвемените избори во Македонија било забележано суштинско подобрување и оти биле поправени некои проблеми, изјави претставникот на американскиот Стејт департмент Том Кејси. На прашањето дали Соединетите држави ги признаваат резултатите од делумното прегласување на петнесетти јуни, со оглед на тоа што и тогаш биле забележани неправилности Кејси додаде дека Вашингтон ги цени напорите што Владата на Македонија ги презеде за да бидат постигнати поборувањата на изборите:

„Како и да е, очекуваме тие да продолжат да преземаат дејства за пронаѓање на оние што се одговорни за насилството во првата рунда на изборите и да ги казнат со што народот во Македонија ќе може да увиди дека не само во овој изборен процес, туку и оти во иднина, ваквиот вид застрашување и насилство нема да бидат толерирани.“

Том Кејси уште еднаш ја повтори американската поддршка на македонските обиди за зачленување во евроатлантските структури:

„Секако продолжуваме да ја поддржуваме и да ја признаваме владата на Македонија во нејзините напори да се справи со широк спектар на прашања, вклучувајќи ги и напорите да достигне членство во НАТО, како и, што е посебно важно за сите нас, нејзиниот напор да работи под покровителство на Обединетите нации и на амбасадорот Нимиц во решавање на прашањето со името.“

На прашањето дали Соединетите Држави, со оглед на уште едниот неуспех на преговорите меѓу Македонија и Грција во Њујорк, подготвуваат некакви потези во со цел да се надмине повеќегодишниот ќорсокак Том Кејси изјави:

„Во основа станува збор за способноста на двете земји да постигнат пријателско решение за ова прашање. Ние ја продолжуваме поддршката на разговорите и на процесот што го предводи амбасадорот Нимиц, но ние во овој момент сме фокусирани токму на заемно прифатливо решение.“

Рече на редовниот брифинг во Вашингтон заменик портпаролот на Стејт Департментот Том Кејси.
XS
SM
MD
LG