Достапни линкови

Старо – новата влада и должи јасен став на јавноста по прашањето на името, смета професор Ванковска


Во македонската влада не сакаат да ја коментараат изјавата на претседателот Бранко Црвенковски во интервјуто за Бирн, дека Македонија треба да отстапи од тврдата позиција за двојната формула, за побрзо решение на спорот со името. Експертите пак велат дека во овој период треба да се почека на формирање на новата влада, а потоа да се прават евентуални отстапки. Информациите во јавноста се различни, и токму затоа и претседателот Црвенковски и премиерот Груевски треба јавно и прецизно да кажат кој е ставот на земјава по ова прашање, вели проф Билјана Ванковска.

„Во овој момент добиваме контрадикторни информации. Ако е точно дека Грција заземала екстремен став, во кој бара не само двојна формула, туку едно име за сите употреби, тогаш и самите предлози за прифаќање, односно попуштање во вид на двојна формула се неприфатливи. Во таа смисла, мислам дека и старо – новата влада на јавноста и должи јасен став по ова прашање.“

Различните изјави на политичарите во јавноста само покажуваат дека Македонија нема јасен став по ова прашање, се согласува и аналитичарот Даут Даути.

„Изјавата на Црвенковски или толкувањето на Груевски пред изборите, се позиции кои укажуваат дека Македонија нема став околу тоа,“

Според Ванковска особено загрижува изјавата на претседателот на ДУИ, Али Ахмети за грчкиот весник Та неа, во која тој вели дека решението на спорот за името треба да одговара на мултиетничкиот карактер на Македонија, да ги земе предвид идентитетот на граѓаните, но и историските и географските чувства на Грците. Наспроти ваквите тврдења, Даути вели дека ниту една изјава од кој било албански политичар нема влијание врз долгогодишниот спор.

„Кога еден политичар ќе каже такво нешто луѓето гледаат други намери. Но, тоа е само она што сите го знаеме, а тоа е дека компромис со Грција значи нужни отстапки кои мора да ги има предвид грчките позиции во однос на Македонија, но и обратно.“

Според Даути албанскиот фактор во земјата ќе ги има предвид интересите на Македонците и нема да поддржат решение кое нема да и одговара на македонската страна, вели Даути.
XS
SM
MD
LG