Достапни линкови

САД и натаму енергично го поддржуваат членството на Македонија во НАТО


Соединетите Држави и натаму енергично го поддржуваат членството на Македонија во НАТО, како и преговорите за разликите околу името меѓу Македонија и Грција под покровителство на Обединетите Нации изјави портпаролот на Стејт департментот Гонзало Галегос во Вашингтон. Тој ја повика владата и политичките лидери на следните избори целосно да се исполнат меѓународните стандарди со цел реализирање на македонските евро-атлански аспирации.

На делумното прегласување на вонредните парламентарни избори на 15-ти јуни имаше значително подобрување од гласањето на 1-ви јуни, кога беа регистрирани нерегуларности, заплашувања и насилство, изјави вршителот на должноста портпарол на Стејт департментот Гонзало Галегос на редовниот брифинг во Вашингтон.

„Го поддржуваме извештајот на ОДИХР, во кој се посочува дека и покрај значителното подобрување на прегласувањето и добрата организација, севкупниот процес на овие парламентарни избори не исполни некои од клучните критериуми на ОБСЕ.“

Според него, неделното прегласување, кое беше изведено во значително подобрени безбедносни околности, им ја врати можноста на граѓаните слободно да го искористат своето демократско право што им беше ускратено на 1-ви јуни. Сепак, Галегос оцени дека и покрај подобрувањето, имало сериозни нерегуларности на бројни гласачки места, вклучувајќи и семејно гласање, полнење на кутии и некоректни процедури. Галегос порача дека владата мора да продолжи енергично да врши истрага, да ги гони и санкционира согласно македонските закони извршителите на изборна измама, насилство и други криминални акти. Тој ја повика македонската влада и политичките лидери да преземат неопходни чекори со цел следните избори јасно да ги исполнат меѓународните стандарди во правец на македонските аспирации за евро-атлантска интеграција. Од друга страна портпаролот на Стејт Депртментот уште еднаш ја истакна американската подршка за членство на Македонија во НАТО и преговорите за името со Грција.

„Ние и натаму енергично го поддржуваме членството на Македонија во НАТО, како и преговорите за решавање на прашањето околу името меѓу Македонија и Грција под покровителство на Обединетите Нации и ги охрабруваме двете страни да најдат солуција во најбрз можен рок со цел ова прашање да остане зад нив.“

изјави портпаролот на Американскиот Стејт департмент Гонзало Галегос на редовната прес конференција во Вашингтон.
XS
SM
MD
LG