Достапни линкови

На изборниот процес му недостигаа одредени клучни заложби на ОБСЕ и Советот на Европа


Иако повтореното гласање помина без насилство и во значително подобра атмосфера од пред две недели, на севкупниот процес му недостасуваат одредени клучни заложби на ОБСЕ и на Советот на Европа. Вака набљудувачите од меѓународната мисија на ОДИХР ги оценија шестите парламентарни избори во земјава.

„Изборите покажаа значително подобрување по клучното прашање на безбедноста. Се надевам и очекувам дека ова упатува на тоа дека земјата е подготвена да се справи со сите демократски предизвици кои и претстојат,“

рече потпретседателката на Парламентарното собрание на ОБСЕ, Пиа Крисмас Молер.

Шефот на мисијата на ОДИХР, Роберт Бери апелираше до државните институции да направат повеќе и да побараат одговорност од сторителите на акти на насилство и казниви дела поврзани со изборите, вклучувајќи и отстранување на партиски активисти кои вршат високи полициски функции. Запрашан за тоа на кои конкретно се мисли, Бери рече

„Заменик министерот за внатрешни работи, Рефет Елмази и региналниот полициски командант во Тетово, Дервиши. Но главно, се работи за неспособноста да се спроведат до крај истрагите и судските процеси за лицата вмешани во изборни активности. Се надевам дека овојпат ќе биде поразлично од 2006 година, кога имаше само една осуда за лице поврзано со изборни злоупотреби,“

изјави Бери.

И домашните набљудувачи оценија дека прегласувањето поминало мирно, со одредени нарушувања на процедурата за гласање. За сите регистрирани неправилности поврзани со изборната администрација, одговорност од Државната изборна комисија побараа од граѓанската асоцијација МОСТ. Од ДИК оценија дека изборите поминале во мирна, фер и демократска атмосфера.Оттаму соопштија дека поради одредени изолирани инциденти, за две недели ќе се прегласува на 4 избирачки места. Сепак, конечната бројка на местата кадешто ќе се прегласува ќе се знае откако ќе заврши процедурата за жалби од страна на партиите до Комисијата и до Врховниот суд. Со своја оценка за изборите се огласи и американската амбасадорка во земјава, Џилиен Миловановиќ:

„Ги поздравуваме органите на власта задолжени за спроведување на на законот, заради нивното ефикасно и професионално однесување, како и заради нивната подготвеност да го применат законот во случаите на насилство и заплашување во близина на избирачките места,“

се вели во писмената изјава на амбасадорката Миловановиќ до медиумите.
XS
SM
MD
LG