Достапни линкови

ВМРО ДПМНЕ ќе ги почека официјалните резултати, па потоа ќе размислува со кој ќе коалицира


ВМРО ДПМНЕ ќе почека да заврши целиот процес по прегласувањето во трите изборни единици кое беше спроведено вчера, односно да бидат објавени официјалните резулати и да се утрврди дали поради одредени нерегуларности повторно ќе има прегласување доколку некоја од партиите поднесе жалби на процесот, па дури потоа ќе размислува на која од албанските партии ќе и биде доставена покана за учество во владата, велат од партијата. Претходно пред прегласувањето, премиерот и иден мандатар Никола Груевски порача дека нема да коалицира со партија која освоила нелегитимини мандати, па дури и да нема албански партнер во владата. Околу можното коалиционо партнерство и учество во владата откако привично се познати резултатите по вчерашното прегласување во ДПА не сакаат да коментираат, додека во Демократската Унија за интеграција која и според Државната изборна комисија освои мнозинство гласови по што синоќа прогласи победа, велат дека се подготвени за партиципирање во владата:

„Ние очекуваме како победничка партија да добиеме покана и да бидеме дел од идната влада. Мислиме дека тоа е во интерес на сите граѓани на Македонија да имаме стабилна влада.“

Изјавува Рафиз Алити од оваа партија. За можните чекори доколку не бидат поканети во владата, од ДУИ потенцираат:

„Секако дека ние не сакаме да мислиме во тој правец. Мислиме дека на Македонија и треба стабилност, перспектива, да се почитуваме меѓу себе и да градиме иднина.“

Истакнува Алити. Експертите пак околу можните реакции на албанските партии велат дека се ќе зависи од тоа дали тие ќе го признаат како легитимен процесот на прегласување:

„Се зависи од тоа како целиот процес ќе го прифатат двете албански политички партии. Ако резултатот од процесот се прифати како финален, легитимен и демократски изборен процес. Во зависност од тоа како таа фаза ќе помине, тогаш втората фаза ќе биде логична фаза.“

Истакнува аналитичарот Алберт Муслиу. Тој воедно додава дека доколку се оди на стратешко парнтерство, односно коалиција со ДПА начинот на работа на актуелната влада е веќе познат, но доколку се оди на ново коалицирање тоа ќе бара одредени промени:

„Кога се оди на нови парнтерества сигурно се преговара за односите, начинот, процедурата, како таа коалиција ќе функционира. Како тоа ќе се рефлектира и на ВМРО ДПМНЕ, премиерот исто така тоа ќе треба да го изменаџира.“

посочува Муслиу.
XS
SM
MD
LG