Достапни линкови

Балканизација на Европа


Балканизација на Европа е насловот под кој весникот Њузвик деновиве објави анализа за политиката на Европската Унија, НАТО и Обединетите нации спрема Балканот, а пред најавеното стапување во сила на Уставот на Косово на петнаесетти овој месец.

Европскиот периодичен кошмар од Балканот се врати. На петнаесетти јуни Косово ќе објави целосна државност. Но, во март во Митровица, србите на Косово, вооружени од Белград, ги нападнаа силите на НАТО и на Обединетите нации при што убија еден војник, а осумдесет и тројца ранија. За време на изборите во Македонија во почетокот на месецов, имаше инциденти при што загина еден политички активист. Како и шкорпионот во приказната, Балканските политичари продолжуваат да се боцкаат до смрт, наведува Њузвик, додавајќи: Пред повеќе од сто години, Бизмарк изјави дека Балканот не вреди ниту за коските на еден Померански гренадир. Денес Брисел, НАТО и Обединетите нации исто така ги затвораат очите, немајќи волја или лидерство да се соочат со балканските проблеми, вклучувајќи го и српскиот национализам. И додека некои членки на Европската унија го признаа правото на Косово да формира своја влада, Шпанија и Грција преминаа на страната на Русија и на Србија. Њузвик натаму пишува: ,,Од своја страна Соединетите држави ветија отворени врати на НАТО за Македонија. Но, со крајот на претседателството на Џорџ Буш, Соединетите Држави имаат мало дипломатско влијание, оставајќи ја Грција доволно самоуверена за да го искара Вашингтон и да ги убие македонските НАТО надежи со нереален спор околу името на Македонија. Во ваквиот вакуум доаѓа Русија која отсекогаш гледа на Балканот како на свој двор и постојано се меша во регионот. Денес, Москва сака да го стави својот авторитет во регионот во обид да им докаже на Вашингтон и Брисел дека се врати во тешката категорија во надворешната политика. Црна Гора е скоро нова руска колонија во која со рубли се купуваат имоти и фирми. Русија ги користи парите, но и енергетските договори за да си купи влијание и во другиот дел на Балканот, наведува Њузвик, оценувајќи дека Обединетите нации и дозволија на Москва да го блокира планот на Ахтисари за Косово. И така, Балканот сега се враќа назад кон секташки национализам, нерегуларни избори, беззаконска економија и политика коордирана од корупција и криминал, сето она што ги потврдува старите предрасуди за регионот. Во времето на Бизмарк беше можно да се напушти Балканот за да се задушува во својот неред. Но, сега лошото делче од Југоисточна Европа го загадува целиот континент. Членките на Европската унија како Бугарија, Кипар, Грција и Шпанија отворено се противат на желбата на другите во Унијата да му дозволат на Косово да се управува самостојно. И наместо да најдат заеднички јазик, членките на НАТО и Унијата се караат, ставајќи ги во прв план своите национални обсесии пред заедничките европски интереси. Ваквата тенденција ги зголемува страхувањата дека наместо европеизација на Балканот, сме сведоци на балканизација на Европа, се заклучува во текстот, објавен во Њузвик.
XS
SM
MD
LG