Достапни линкови

Тече рокот за обжалување на решенијата на ДИК до Врховниот суд


По одлуките на Државната изброна комисија по приговорите поднесени од политичките партии за нерегуларности на денот на изборите, од денеска тече рокот до Врховниот суд за обжалување на решенијата што ги донесе ДИК, која имено одлучи поради изборни нерегуларности прегласување да има на 197 избирачки места каде се запишани околу 170 илјади избирачи. Портпарлот на Комисијата Зоран Таневски информира:

„Сеуште трае рокот за поднесување жалба до Врховниот суд, а жалбите се поднесуваат преку ДИК и од моментот на доставување на жалбите до Врховниот суд, судот има рок од 48 часа да донесе решение кое е кончено и мора да се извршува.“

Вели Таневски. По одлуките на ДИК реакција на незадовлство веќе изрази ДПА. Поради тоа од оваа партија ни изјавија дека подготвиле жалби до Врховниот суд за одлуките на Државната комисија кои се однесуваат на околу 186 избирачки места. 110 жалби што ќе ги поднесат до Врховниот суд се однесуваат на приговорите што партијата ги поднела до ДИК, а не им биле прифатени, и жалби за 76 избирачки места за кои Државната Комсија донела одлука да има прегласување по основ на приговори поднесени од други партии, одлука што сметаат во ДПА е на нивна штета во поглед на резултатите. За разлика од ДПА, во ДУИ велат дека нема да поднесат жалби до Врховниот суд:

„Ние нема да се жалиме до Врховниот суд бидејќи мислиме дека над 90% од тие нерегуларности фактички со повторување на изборите, ДИК ги корегира нерегуларностите.“

Изјавува Рафиз Алити од оваа партија. Надежите на меѓународната заедница се свртени кон мирен повторен изборен ден. Додека партиите, посебно од албанскиот блок и натаму си ја префрлуваат одговорноста за тоа кој е виновен за инцидентите, и воедно се залагаат за мирно прегласување, експертите ги лоцираат причините на нетрпеливоста меѓу двете албанските партии која кулминираше на денот на изборите на 1 јуни:

,,Лидерите ретко се среќаваат со гласачите, само од избори до избори. И тогаш им се обраќаат на еден пристрасен и да кажам навивачки начин се разбира за себе, но на начин кој што повеќе е спротивставен на другиот отколку на предлагање на идеи и алтернативи.“

Посочува аналитичарот Хисен Рамадани кој вели дека за иднината на земјата и за да се фати чекорот за евро-атлантските интеграции прегласувањето ќе мора да помине во мирна атмосфера.
XS
SM
MD
LG