Достапни линкови

Има услови за фер и демократско прегласување, сметаат експертите


На една недела пред прегласувањето, партиите од албанскиот политички блок се надеваат дека изборите ќе поминат во најдобар ред. Од Демократската партија на Албанците упатуваат апел до граѓаните да не потпаднат под влијание на како што велат криминалните банди предводени од Демократската Унија за интеграција. Од симпатизерите бараат да се воздржат од провокации за да не се повторат изборните инциденти од пред една недела.

Од ДУИ пак одговорноста за инцидентите ја префрлаат кај нивниот партиски опонент, но потенцирраат дека кај нив постои подговеност за фер избори.

„За разлика од предизборието, кога некој ги затвораше очите овој пат не ќе може затоа што се доведува во прашање евро атлантската иднина на Македонија,“

изјави Агрон Буџаку од ДУИ.

Проф. Јетон Шасивари од Штуловиот Универзитет смета дека постои политичка мотивација кај албанските партии,следниот круг да помине без проблеми. Фактот дека фер избори се најважниот критериум за добивање на датум за преговори за членство во Унијата дополнително ја зголемува одговорноста кај албанските политичари, вели Шасивари.

„И Албанците во Македонија нема да дозволат да бидат дежурни виновници што се однесува до кочењето на овој процес, односно да се впери со прст кон албанската заедница, дека тие биле виновни за неисполнување на деветтиот критериум.“

Токму јавното и прецизно укажување на тоа кои се предизвикувачи на изборните инциденти влева надеж дека вториот круг ќе помине без инциденти:

„Јасно им е ставено до знаење дека и нивните политички кариери се доведени во прашање. И мислам дека ваквото нивно разголување после овие настани јасно покажува дека има шанси да очекуваме слободни и фер прегласувања,“

изјави политичкиот аналитичар Јован Донев.

Меѓународните претставници во земјава порачуваат дека прегласувањето мора да се е спроведе во фер и демократска атмосфера. Од мисијата на ОДИХР очекуваат властите да спроведат истрага за сторителите на изборните неправилности.

„Прашањето не е кога, туку дали се превзема нешто околу тоа,“

вели портпаролот на набљудувачката мисија Јенс Хатен Ешенбахер. На 15 јуни ќе се прегласува на дури 193 гласачки места. Предвидено е да гласаат околу 170 илијади жители.
XS
SM
MD
LG