Достапни линкови

logo-print

Шанса за поправен, во спротивно извештајот за изборите ќе биде катастрофален, сметаат експертите


Македонија е на поправен испит, а клучно во поправањето на оценката за спроведувањето на предвремените парламентарни избори треба да биде прегласувањето идната недела. По објавениот извештај на ОДИХР во кој се вели дека изборите не ги задоволиле клучните меѓународни стандарди, меѓународните и домашните набљудувачи, како и претставници од сите релевантни меѓународни институции порачаа дека денот на прегласувањето мора да биде беспрекорен. Во спротивно, крајната оценка за изборите ќе биде многу лоша, очекуваат домашните аналитичари што за нив не остава дилема дека ќе се одрази многу лошо на следните чекори од евро интегративните аспирации:

,,Се надеваме дека македонските власти ќе спроведат истрага за инцитентите во текот на кампањата, а особено во текот на изборниот ден и дека ќе преземат соодветни чекори. Прегласувањето е дел од тоа, каде што се појавија инцидентите,”

вели портпаролот на ОДИХР.

Од МВР велат дека до сега целосно се расветлени 31 случај на нарушување на изборниот процес и дека ќе бидат бескомпромисни кон сите оние кои ќе се обидат да го нарушат изборниот процес на денот на прегласувањето:

,,МВР и во текот на неделата и на прегласувањето е решено до крај да ги спроведува законите во однос на фер и демократското гласање,”

вели портпаролот на МВР Иво Котевски.

Извршниот директор на МОСТ Дарко Алексов вели дека на оценката за тоа до каде стасала демократската култура во земјава и политичката волја на директните учесници во процесот нема да влијае само процедурата на гласање на избирачкото место:

,,Тука на тест ќе биде и директно политичката волја на политичките партии инволвирани во процесот и капацитетот и политичката волја на државните институции и ДИК да го спроведе процесот, фер, демократски и во согласност со стандардите.”

Ако Македонија не ја искористи и втората шанса што и беше дадена, тоа несомнено ќе има лоши последици и по наредниот извештај на ЕУ, предупредува политичкиот аналитичар Жидас Даскаловски:

,,Ако и на денот на повторувањето на изборите има инциденти, дефинитивно ќе имаме катастрофално лош извештај и тоа многу лошо ќе се одрази за нашата евро интеграција,”

вели Даскаловски.
XS
SM
MD
LG