Достапни линкови

Македонија има право да ги користи своите уставни обележја, велат познавачите


Односите меѓу Македонија и Грција се вжештуваат и вообичаените економски, трговски, транзит релации меѓу двете земји кои изминативе години со исклучок на годините на економското ембарго функционираа без проблем, по самитот во Букурешт се проблематизираат. Последно, соседната земја забрани прелет на македонскиот државен авион низ грчкото небо со кој претседателот Бранко Црвенковски требаше да присуствува на конференција на УНЕСКО во Атина по што шефот на државата го откажа учеството на конференцијата. Од кабинетот на претседателот на земјава информираат дека усно биле известени од грчката амбасадорка во Скопје дека властите во Грција не дозволуваат прелет на нашиот авион и им бил понуден алтернативен превоз, по што понудата е одбиена. Со ваков тврд грчки став кој што кулминира во последно време, тешко дека ќе го решиме проблемот, велат извори од македонскиот државен врв. Во македонското МНР посочуваат пак дека овој случај е преседан за кој ќе бидат известени сите релевантни институции. Посебно што велат оттаму, кога станува збор за ВИП прелети како овој секогаш според правилата во воздухопловството има приоритет. Последниот е само повторување на ситуацијата кога од грчка страна му беше забранет прелет над грчко небо на македонскиот национален авиопревозник МАТ, проблем кој изминативе 15 години велат во компанијата непостоеше и слободно го користевме грчкиот воздушен простор. Тоа е спротивно изјавуваат од МАТ на меѓународните конвенции во воздухопловството кои ги има потпишано и Грција и според кои земјата има право да го назначи своето уставно име. Компанијата за овој инцидент веќе започнала постапка пред судот во Стразбур. Експертите пак на мислење дека последните случувања им наштетуваат на процесот на преговори меѓу двете страни:

„Македонскиот став е дека преговараме за име за меѓународна употреба, грчкиот став е име за целокупна употреба. Инцидентите со авионите тоа го потврдуваат дека Грција нема да отстапи од име за целокупна употреба.“

Изјавува аналитичарот, магистар по меѓународно право Јана Лозановска која додава:

,,Евентално македонската страна доколку не е подготвена да ги прекине преговорите треба да даде сигнал дека неможе во вакви услови да се преговара.“

Вели Лозановска. Освен инцидентот со македонските авиони, неодамна од македонски офицери на воена вежба на НАТО грчки воени претстаници побараа да ги симнат македонските обележја, а пред неколку дена поради неисправен патен налог граничните власти во земјава вратија грчки конвој на НАТО кој сакал да транзитира низ Македонија.
XS
SM
MD
LG