Достапни линкови

Балканска Белгија?


Балканска Белгија? Под овој наслов весникот Економист објавува текст за Македонија по изборите во кој се наведува: Владејачката партија победи, но спорот за името на земјата продолжува.

Модерна идеја циркулира меѓу посматрачите на Балканот: Белгијанизација. И тоа не за да ја сугерира комплексноста на федерализмот. Таа всушност имплицира дека различни националности на кои историјата им остави да делат една држава конечно се однесуваат како белгијанци, излегуваат на гласање, а не пукаат, се наведува во написот на Економист во кој се додава: Македонските избори на први јуни, според посматрачите, не ги исполниле меѓународните стандарди. Едно лице загина во престрелка со полицијата, неколкумина други биле повредени, а неправилности имаше на повеќе изборни места. Но, тоа се уште не ја побива Белгиската теорија. Во две илјади и првата година македонците и албанците беа на работ на граѓанска војна. Сега и покрај тоа што нема многу љубов меѓу двете страни, нема ни насилство меѓу нив. Македонските избори беа спроведени откако Грција, на НАТО самитот во Букурешт, ја блокираше поканата за Македонија поради прашањето за името кое повторно беше покренато откако, како што наведува весникот, Скопскиот аеродром беше преименуван во Александар Велики. Грците сега велат дека ќе спречат секакво приближување на Македонија кон Европската унија. Влегувајќи во Македонија од Косово ви станува јасно зошто ова прашање треба да биде решено. Од границата до Вардар сите предизборни постери и знамиња се албански. Минувајќи ја реката како да влегувате во друга земја. Сите постери и знамиња се македонски. Откако името ќе биде решено, Македонија ќе може да му се приклучи на НАТО, а потоа и на Европската унија. Никој нема да може да го поставува прашањето за нејзината државотворност, наведува Економист, но притоа наведува дека претходно треба да се одговори на три прашања: Која од двете албански партии Груевски ќе покани во неговата влада? Дали ќе биде доволно силен да се справи со Грција околу името и тоа да го постави на референдум и најголемото прашање од сите: Дали Грција е заинтересирана за решение или пак е среќна што нејзините компании профитабилно инвестираат во северниот сосед додека неговите аспирации за НАТО и Европската унија ги држи зависни од грчката добра волја? Конечно, само членството на Белгија во Европската Унија ја одржува таа земја заедно денес, заклучува весникот Економист.
XS
SM
MD
LG