Достапни линкови

Демократскиот сенатор Барак Обама веројатно претседателски кандидат на демократите


Демократскиот сенатор Барак Обама, по се изгледа, ќе стане првиот црн претседатателски кандидат во американската историја. Неговата ривалка Хилари Клинтон засега без јасен одговор за тоа кои се нејзините натамошни планови.

Барак Обама, според американските медиуми, по петмесечната битка против Хилари Клинтон која заврши синоќа со последните прелиминарни иозбори во Јужна Дакота и Монтана, ги обезбеди потребните две илјади сто и осумнаесет делегати за да победи на партиската конвенција. Тој на своите приврзаници во Минесота им соопшти дека ќе ја претставува Демократската партија на ноемврските претседателски избори против републиканецот Џон Мекејн.

„Америка, ова е наш момент. Ова е наше време. Наше време за да ја свртиме страницата на политиките од минатото. Наше време да донесеме нова енергија и нови идеи пред предизвиците со кои се соочуваме. Наше време да понудиме нова насока за оваа земја која ја сакаме.“

Изјави Обама. Неговата ривалка Клинтон, по изборите во Јужна Дакота и Монтана му ја честита победата но, остана неодредена за нејзините натамошни планови во претседателската трка на демократите.

„Сега прашањето е каде да одиме од тука. Со оглед на тоа до каде стигнавме и каде треба да одиме како партија тое е прашање што не го одговарам лесно. Ова беше долга кампања и оваа ноќ нема да донесувам никакви одлуки.“

Според некои наводи, Хилари Клинтон ја оставила отворена можноста да стане потпретседателски кандидат на Барак Обама, доколку тоа би им помогнало на демократите да влезат во Белата Куќа. Некои аналитичари велат дека на Обама ќе му требаат нејзините осумнаесет милиони луѓе кои гласале за неа на прелиминарните избори. Други пак, се на мислење дека се уште не е јасно дали Обама сака воопшто својот политички легитимет да го врзува со семејството Клинтон. Републиканскиот кандидат Џон Мекејн во неговата прва реакција на веста дека Обама ќе биде неговиот противкандидат на претседателските избори што треба да се одржат на четрврти ноември изјави:

„Сенаторот Обама ќе биде силен опонент. Но јас сум подготвен за предизвикот и решен да се тркам на начин кој ќе доведе до победа на нашата кампања и на гордите и чесни патриоти кои побараа да ги водам.“

Изјави седумдесет и две годишниот сенатор Џон Мекејн кој е ветеран и херој од виетнамската војна. Кандидатурата на Обама весникот Њујорк Тајмс ја оценува како кршење на расните бариери, додека Вашингтон пост ја опшишува како крстосница за државата, но со забелшка дека тој се уште се соочува со таканареченото клинтоново прашање, односно со предизвикот да ја обедини партијата.
XS
SM
MD
LG