Достапни линкови

logo-print

Предизвикувачите се лоцирани и тоа дава надеж за фер и демократско прегласување, сметаат експертите


Полицијата ја продолжува истрагата по учесниците во изборните инциденти. Синоќа се приведени уште десеттина лица, а истрагата ќе продолжи се додека не бидат откриени сите виновници, уверуваат од полицијата. Ќе бидат преземени сите законски мерки за заштита и спречување на какви било инциденти на местата на кои ќе се прегласува, информираат од министерството за внатрешни работи. Оттаму уште еднаш апелираат до политичките партии да ги вразумат своите активисти, а тие да се воздржат од евентуални провокации.

Се додека политичките лидери во земјата демократијата ја сфаќаат како шанса за наметнување на волја, а не како начин на нејзино слободно изразување, ќе ни се случуваат недемократски избори, вели политичкиот аналитичар Јован Донев

„Она што во Македонија се случуваше во неделата јасно покажува дека во Република Македонија сеуште има некои паравојски, некои партиски полиции под контрола на партиите. Тоа е она што загрижува и прашање е колку е способна и полицијата да издржи еден таков напад на политичките партии.“

Со добра и координирана соработка меѓу државните институции, политичките лидери и активисти, имаме шанси да го подобриме лошиот впечаток што го оставивме по изборите, вели проф Кјани Нухиу од Тетовскиот Универзитет.

„Одговорноста секако лежи и кај државните органи и институциите. Не може за јавниот ред да бидат одговорни партиите, тие може да бидат до одредена мера, до контролирање на активистите, но тоа треба да се надополни со ефикасноста на државните органи.“

Сепак, екепсртите се надеваат дека во вториот изборен круг, нема да се повторат инцидентите.

„Она што дава надеж дека во вториот круг ќе имаме релативно фер и демократски избори е тоа што веќе сите и во ЕУ и НАТО ги лоцираа пробелмите и нема образложение за таквото однесување веќе. Никој не зборува дека носители на состојбите се мнозинството граѓани, туку точно се лоцирани предизвикувачите на инцидентите и јасно им е ставено до знаење дека фактички нивните евентуално политички кариери се доведени во прашање.“

Во меѓувреме странските набљудувачки мисии во земјава оценија дека клучните меѓународни стандарди не беа исполнети на изборите бидејќи обидите насилно да се наруши изборниот процес, направија да биде невозможно за избирачите во многу места слободно да ја изразат својата волја. Меѓународните набљудувачи ќе ги мониторираат и прегласувањата по што ќе следи конечниот извештај за предвремените избори.
XS
SM
MD
LG