Достапни линкови

Груевски победи, но Македонија ја губи меѓународната доверба поради насилствата


Калашњиковите и натаму се дел од изборниот процес во Македонија, а надежите на земјата за членство во НАТО и во Европската Унија се поткопани, се главните оценки во светските медиуми, по вчерашните парламентарни избори во Македонија.

Коалицијата на премиерот Никола Груевски освои најмногу гласови на вчерашните парламентарни избори во Македонија, кои беа со многу неправилности и престрелки, во кои едно лице загина, а 9-мина беа повредени. Ројтерс наведува дека победата му овозможува на Груевски уште еден мандат, но оти земјата ја губи меѓународната доверба поради насилствата на изборите. Агенцијата потсетува и на одлуката на Груевски во 2006-та за коалицирање со ДПА и покрај тоа што повеќе гласови на изборите имаше ДУИ, на која од надвор се гледаше како на грешка која може да ја дестабилизира земјата. Насилствата на овие избори, оставаат впечаток на Запад дека и по 7 години од конфликтот во Македонија, Калашњиковите остануваат дел од македонскиот политички процес. Нареден чекор на Груевски, додава Ројтерс, ќе биде да формира коалиција со една од партиите на албанците,а тој повтори дека ја преферира ДПА, чекор кој веројатно повторно ќе се проблематизира кај голем дел од албанците кои гласаа за ДУИ. Веникот Фајненшел Тајмс, птенцирајки ги инцидентите и нерегуларностите на изборите, наведува дека меѓународните посматрачи се повлекле од 30-тина изборни места поради безбедносни причини. Инцидентите ќе ги поткопаат надежите на Македонија да добие датум за почеток на преговорите со Европската Унија, иако уште од 2005-та година земјата има кандидатски статус. Европската УНија и НАТО гледаат на Македонија како на клучна за регионалната стабилност и покрај спорот со Грција за името и внатрешните етнички тензии, наведува Фајненшел Тајмс. Весникот ја пренесува и изјавата на Денис МекШен, британски парламентарец кој беше посматрач на изборите од Советот на Европа, кој оценил дека овие избори треба да се повторат во целост или, барем во некои делови од земјата и тоа под засилена контрола. Тој додал дека овие избори не можат да бидат меѓународно прифатени и оти му нанесоа сериозна штета на македонскиот кредибилитет за членство во НАТО и Европската Унија. Фајненшел Тајмс потсетува и дека претставници на Европската Унија бараа од Никола Груевски да продолжи си реформите, а не да губи време со предвремени избори, но тој реши да оди на избори за да обезбеди постабилна владејачка коалиција.
XS
SM
MD
LG