Достапни линкови

Според опозицијата изборите најлошо организирани во историјата, власта задоволна


Никола Груевски, претседател на владеачката ВМРО ДПМНЕ истакна дека е задоволен што во најголемиот дел од избирачките места имало нормални фер и демократски избори:

,,Добро е што во најголемиот дел од земјата имаме фер и демократски избори. Се надевам дека вечерва ќе имаме резултати коишто ќе бидат победа пред се на Република Македонија, а понатаму народот ќе одлучи кој ќе победи и кој колку гласови ќе освои.”

Со слично мислење и лидерот на ДПА Мендух Тачи, по гласањето тој ги повика граѓаните да излезат масовно на избори и да го остварат своето гласачко право и додаде дека независно од инцидентите претпладнето владата и МВР ги убедија граѓаните дека имаат капацитет да го зачуваат мирот.

Од СДСМ пак изборите го оценуваат како најлошо организирани во историјата на Република Македонија и дека со нив земјава се оддалечи од НАТО и ЕУ:

,,Очигледно е дека ова се најлошо организираните, ако не и најлошо организирани избори во Република Македонија. Се покажа дека нашите предупредувања и критики биле оправдани. И дека за жал институциите не беа на висина на задачата и не го спречуваат насилството, туку по се изгледа дури и го стимулираат или овозможуваат,”

изјави лидерката на СДСМ Радмила Шеќеринска.

И за ДУИ овие избори не поминале во фер и демократска атмосфера поради инцидентите. Одзивот на граѓаните не бил во доволен број:

,,Секако дека бројот би требало да биде поголем кога би имало изборна клима. Вакви инциденти со убиства, секако дека тоа влијае на процентот колку ќе излезат на гласање,”

изјави Рафиз Алити член на ДУИ.

Инаку, претседателот на Република Македонија Бранко Црвенковски уште еднаш потсети на важноста на овие избори за иднината на земјата:

,,Денешниот ден беше многу важно да биде беспрекорен, да биде вистински празник на демократијата, да владее мирна и демократска атмосфера, да може сите наши граѓани без било какви притисоци и закани на најслободен начин да ја изразат својата изборна волја и да го дадат својот глас. Тоа беше значајно заради нас самите, заради нашата демократија, заради кредибилитетот на нашите институции, но исто така, да повторам, беше многу значајно и е многу значајно од аспект на нашите евро и евро атлантски интеграции,”

рече Црвенковски.
XS
SM
MD
LG