Достапни линкови

ЕУ наиде на блокада на патот за нејзините плановите за Косово


Европската Унија наиде на блокада на патот за нејзините планови за Косово. Ова го оценува британскиот весник Економист во текстот во кој се анализира ситуацијата на Косово во контекст на најавеното почнување на мисијата ЕУЛЕКС.

Кога во илјада деветстотини и четиринаесетата година Австроунгарија и објави војна на Србија никој не можеше ни да претпостави дека резултат од сударот ќе биде не само распаѓањето на Хабсбуршката империја, туку и на Отоманското и на Руското царство, пишува Економист и додава: Од друга страна, денес, никој не верува дека противењето на Србија на независноста на Косово ќе доведе до пропаѓање на Европската унија, но Србија во стоте денови од прогласувањето на косовската независност постигна многу повеќе на планот на оспорување на тој чин отколку што некој тоа и можеше да го очекува. Весникот потсетува дека Косово досега го имаат признато четириесетина земји, меѓу нив дваесет членки на Европската унија, но оти тука ги нема големите играчи како Русија, Индија, Кина, Бразил. Уште повеќе, пишува Економист, пет земји спаѓаат во редот на таканаречени микродржави како Науру или Маршалските острови. Британскиот весник потсетува и на фактот дека на петнаесетти јуни на сила стапува косовскиот Устав и оти тогаш мисијата ЕУЛЕКС и официјално да ја почне својата работа. Но, како што се додава, и натаму не постои јасна поделба на улогите меѓу ЕУЛЕКС и постојната мисија на Обединетите нации на Косово, УНМИК. Во меѓувреме, наведува Економист, Србија ги консолидира силите и го зацврсти своето влијание во српските средини, пред се на северот на Косово.,,Се што и останува на Европската унија е да го спасува образот,, вели неименуван висок дипломат во Брисел за весникот кој наведува дека сега, по се изгледа, Унијата прави се за да ја истурка својата мисија на Косово под јурисдикција на Обединетите нации. Затоа на албанците на Косово се појасен им е вознемирувачкиот факт дека нивната иднина сепак и натаму ќе биде тесно поврзана со иднината на Србија. Питер Фејт, првиот човек на мисијата ЕУЛЕКС, како што наведува весникот, изјавил дека сака да ги увери косовските власти оти Европа ги штити нивните интереси, но доколку тоа не му успее тој гледа неволји на Косово, пишува британскиот весник Економист.
XS
SM
MD
LG