Достапни линкови

Од денеска предизборен молк


Од синоќа на полноќ на сила е изборниот молк пред утрешното гласање на предвремените парламентарни избори. Гласачките места ќе бидат отворени од 7-19 часот за 1779.116 избирачи или за 37660 повеќе во однос на 2006 година кои имаат право да го дадат својот глас за 18 листи со 1540 кандидати за 120 пратенички места во Парламентот.

„18 подносители на листи поднесоа 77 листи на кандидати, и тоа две листи на кандидати од група избирачи, две коалиции и 14 подносители на листи се политички партии. Во изборната единица број 1 има 16 листи на кандидати, во двојка 15, во изборната единица 3 11 поднесени листи, во ИЕ4 десет поднесени листи, во ИЕ5 12 поднесени листи и во ИЕ6 13 поднесени листи на кандидати,“

информира портпаролот на ДИК Зоран Таневски. Ќе се гласа на 2976 избирачки места и формирани толку избирачки одбори кои се составени од претставници на државната и јавната администрација. Денеска ќе можат да гласаат 1929 лица кои се во притвор или на издржување казна затвор како и 542 внатрешно раселени лица. Изборите ќе бидат спроведени според пропорционалниот модел во шест изборни единици а во секоја од нив треба да бидат избрани по 20 пратеници. Резултатите ќе се пресметуваат по Донтовата формула. За следење на изборите акредитирани се и 39 странски новинари, најмногу од соседна Грција-18, од Бугарија –7, од САД-6, по двајца од белгија, Франција и Словенија и по еден од Хрватска, Кина и Унгарија. Изборите ќе ги набљудуваат околу 6000 домашни и странски набљудувачи и тоа 464 странски и 5811 домашни монитори. Од странските најбројни се ОБСЕ/ ОДИХР 317, на амбасадата на САД 35, на делегацијата на Европската комисија 24 и на Советот на Европа 15 а свои набљудувачи ќе имаат и амбасадите на Франција, Словенија, Велика Британија, Чешка, Австрија и Словачка во Скопје како и централната изборна комисија на Косово. Од домашните набљудувачи најголем број акредитирала МОСТ околу 4000 а останатите се од хелсиншкиот комитет за човекови права и од уште 11 невладини организации.
XS
SM
MD
LG