Достапни линкови

Партиите во Македонија подготвени да признаат изборен пораз


Кревката демократија во Македонија и секогаш вжештената изборна сцена ретко кога во изминативе години и изборни циклуси понуди фер признание меѓу партиите кои извојувале победа или изгубиле на изборите. Наместо слика на развиена демократска атмсофера најчесто исходот од изборите завршува со меѓусебни обвинувања за изборни нерегуларности, иако имало и примери кога противниците знаеле да го признаат поразот. Колку на претсотојните избори партиите се подготвени да му подадат рака на противникот доколку доживеат пораз? Во сегашната владеачка партија ВМРО ДПМНЕ велат:

„ВМРО ДПМНЕ очекуваме да однесе значајна победа. Меѓутоа, ако граѓаните оценат поинаку, ние апсолутно ќе се држиме до принципите на фер и демократски избори,“

истакнува Илија Димовски од оваа партија. Со оглед на бројните инциденти кои ја одбележаа изборната кампања, опозиционите партии истакнуваат дека се подготвени да признаат пораз но само доколку изборите бидат мирни и регуларни:

„Оној којшто ќе победи, секако дека ќе биде волја на народот и ние ќе ја почитуваме таква каква што е. Но, се плашиме, следејќи ја целокупната кампања овие 20 дена, а и претходно. Тоа е обид за голем фалсификат на изборите.“

„Најважно е да имаме фер и демократски избори, со што ќе покажаме на кое ниво се наоѓа Република Македонија,“


изјавуваат Цветанка Иванова од СДСМ и Роза Топузовска Каровска од ЛДП. Дел од албанскиот блок политички партии каде ривалството кулминираше со бројни предизборни инциденти велат дека се подготвени да признаат изборен пораз, додека дел се без коментар. Имено владеачката ДПА не беше подготвена да ни одговори на ова прашање, а во Демократската унија за интеграција посочуваат дека предуслов е спроведување демократски избори. Џевад Адеми од оваа партија вели:

„Јавно изјавуваме дека доколку се случи ние да ги изгубиме изборите, од претседателот Ахмети до последниот член на партијата е спремен на победникот да му ја честита победата.“

Аналитичарите пак посочуваат дека освен теоретски, партиите ќе мора тоа да го демонстрираат и реално. Иако има одреден напредок во политичката култура, сепак сме далеку од западните демократии, вели политикологот Ненад Марковиќ

„Сега друго е прашањето на определени неправилности кои се јавуваат. Многу е битно да не биде оспорена онаа елементарна компонента кога партијата која е поразена признава и подава рака на партијата која е победена,“

истакнува Марковиќ.
XS
SM
MD
LG