Достапни линкови

logo-print

Амнести Интернешнал во последниот извештај оценува дека луѓето се уште се жртви на авторитарни влади


Амнести Интернешнал ги повика владите во светот да ја обноват нивната посветеност во почитувањето на Универзалната декларација за човекови права. Оваа организација денеска го објави и нејзиниот најнов годишен извештај за состојбата на човековите права, а повикот е во врска со шеесет годишнината од декларацијата на Обединетите нации.

Амнести интернешанл е една од најпроминентните организации за човекови права која ги документира нивните прекршувања ширум светот. Нејзините годишни извештаи постојано ги потсетуваат владите на договорите кои самите ги имаат прифатено во зачувувањето на човековите права. Најважен од нив е Универзалната декларација за човекови права која пред шеесет години беше одобрена од Обединетите нации. Елеонор Рузвелт, вдовицата на американскиот претседател Френклин, вака ги опиша надежите за овој документ:

Оваа универзална декларација за човекови права може да стане меѓународна Магна карта за сите луѓе, насекаде во светот.

Но, Амнести интернешнал потсетува дека многу авторитарни режими денес остануваат многу далеку од оваа Магна карта која, потсетуваме, всушност е договорот од тринаесетиот век со кој англискиот крал беше принуден и тој да ги почитува законите. Амнести во последниот извештај оценува дека луѓето се уште се жртви на авторитарни влади кои ги игнорираат меѓународните закони.

Ова е шеесета годишнина на Универзалната декларација за човекови права и за цело тоа време владите се извинуваат за непочитувањето на човековите права.

Вели генералниот секретар на Амнести Интернешнал Ирена Кан додавајќи дека тортурата и натаму се применува во осумдесетина земји во светот. Според неа, големите сили треба да дадат добар пример како да се почитуваат начелата на Универзалната декларација и тоа таму каде што е најпотребно, во Мјанмар, Дарфур, Ирак, Зимбабве.

Европската унија е разочарување. Таа за себе тврди дека сака да биде унија на вредности базирани врз човекови права, демократија и слобода, но се уште ја крие главата во песок како например кога многу нејзини влади беа вмешани во тајните ЦИА трансфери на осомничени за тероризам.

Изјави Кан која изрази надеж дека новиот претседател на Соединетите држави ќе го затвори Гвантанамо и ќе се откаже од сите форми на тортура со што ќе го обнови моралниот кредибилитет на земјата.

На светот им требаат Соединетите држави кои ќе бидат посветени и ангажирани во сферата на човековите права.

Наведе Ирена Кан, генерален секретар на Амнести интернешнал, во врска со најновиот извештај на таа организација за состојбата на човеките права во светот.
XS
SM
MD
LG