Достапни линкови

МВР ги детектирало слабите точки и со зголемен капацитет ќе работи на безбедноста


За разлика од претходните изборни циклуси, на изборите во недела полицијата ќе ангажира досега најголем број на припадници, а нивната задача ќе биде да осигураат безбедност на избирачките места. Од министертвото за внатрешни работи велат дека веќе се изработени опреативни планови по којшто ќе се дејствува, а поголемо присуство на полицајци ќе има на местата на кои порано се случувале инциденти.

„Детектирани се слабите точки, каде што и претходно се случувале инциденти. Значително ќе биде зголемен капацитетот на полицијата на овие места за да се спречат какви било инциденти,“

изјави Иво Котевски портпарол на МВР

Иако Министерството за внатрешни работи е надлежно за спроведување на безбедноста на денот на изборите, сепак и членови на Државната изборна комисија ќе бидат во постојана комуникација со полицијата вели портпаролот на ДИК, Зоран Таневски.

„На денот на изборите со претставниците на МВР е договорено да има по еден овластен претставник од ДИК и од МВР кои ќе ги координираат сите контакти и активности околу состојбата на теренот.“

Од ДИК апелираат до припадниците на полицијата доследно да го почитуваат правилникот за постапување на полицијата, односно без да бидат повикани од членовите на избирачките одбори, полицајците да не влегуваат во просториите каде што се гласа.

Постојаната мисијата на ОБСЕ денот на изборите ќе го следи со свои тимови на терен, информира портпаролката Сали Брајтон.

„Како и вообичаено нашата мисија и мандатот кој го има, ќе ја следи безбедносната ситуација на теренот. И на денот на изборите нашите монитори ќе бидат на своите работни места, во избирачките единици ќе разговараат со луѓето и ќе ја следат безбедносната ситуација во текот на денот,“

вели Брајтон и додава

„Се разбира дека тие немаат надлежност да се мешаат, да преземаат акции и да истражуваат. Се разбира, тоа е работа на вашата полиција, која како што разбрав веќе има план за пасоредување на својот персонал и е добро подготвена за изборниот ден,“

изјави Брајтон.

Мисијата на Европската Унија во Скопје нема мандат за следење на безбедносната ситуација, изјавија од канцеларијата на унијата. 15 луѓе од нашата мисија ќе излезе на терен, но процесот ќе го следат само како набљудувачи, во рамките на мисијата на ОДИХР, информираат од претставништвото на Унијата во Скопје.
XS
SM
MD
LG