Достапни линкови

Во кампањата нема ништо специфично во однос на порано, сметаат експертите


Немој да бегаш од женски фустан, или изберете меѓу преродба од една страна и шестмесечна патка од друга. Овие се само дел од политичките пораки што на една недела пред изборите си ги разменуваат политичките ривали. Во обид да се привлечат повеќе гласови или да се прикријат сопствените слабости претставниците на двата спротиставени табора применуваат агресивна кампања која вклучува навредливи елементи, анализираат политиколозите.

„Во овие избори не сметам дека има нешто специфично или повеќе или помалку говор на омраза или спецификации отколку на претходните избори. Постои еден широк опус на дисквалификации, плукање и негативна кампања и кај власта и кај опозицијата и нормално е дека какошто се скратува рокот за кампања и доаѓа рокот за избори, тој може да се идентификува,“

изјави политичкиот аналитичар Ненад Марковиќ.

Ваквото однесување на партиите, може да предизвика и спротивен ефект кај гласачите, односно да доведе до нивна апстиненција на изборите, вели проф. Имер Исмаили од Штуловиот универзитет.

„Тоа не остава добар впечаток, напротив за недостаток на елементарна култура кај актерите на овие избори. Многу е напнато, има нетолеранција.“

Аналитичарите велат дека во развиените демократски земји партиите преку хумор се обидуваат да ги покажат недостатоците на политичкиот опонент и да допрат до гласачите. Таквиот вид на комуникација кај нас ги преминува границите, вели Марковиќ

„Има одредени спотови кои алудираат на такви пораки, меѓутоа не ми се допаѓа кога ќе видам спотови што алудираат на физички карактеристики на политичар, на одредени маани, како говорни маани итн, мислам дека тука се преминува линијата на културна кампања.“

Како вешт начин да се добијат неопределените гласачи се и истражувањата на домашни и меќународни институции кои го покажуваат предизборното расположение во земјава. Експертите предупредуваат дека резултатите од ваквите анкети треба да се земаат со доза на претпазливост:

„Методологијата нивна е неадекватна на објективно пренесување на комуникацијата.“
„Нормално дека треба да се земат со резерва. Треба многу да се внимава кога се објаснува методолошкиот дел, статистичката грешка, кога се прават трендови на подолг период итн,“


изјавија Исмаили и Марковиќ.
XS
SM
MD
LG