Достапни линкови

Огромни штети за македонското стопанство, оценува бизнисменот Ристо Гуштеров


Со блокадата на железничкиот сообраќај од страна на Грција, на македонските стопанственици им се нанесени огромни штети оценуваат бизнисмените.

„Република Грција со одлуката да исценира некаков штрајк направи огромна штета на стопанските субјекти од Република Македонија, па и на субјектите коишто работат преку солунското пристаниште и ја транзитираат својата стока за Србија и Косово,“

вели бизнисменот Ристо Гуштеров и додава дека пристаништето во Бургас во соседна Бугарија е можно алтернативно решение за надминување на овој проблем со кој неколку пати досега се соочуваше земјава.

„Тие се секако поскапи решенија, но нашите власти имаа доволно време, 17 години, да направат меѓудржавен договор за соработка меѓу Бугарија и Македонија, каде што бугарските железници, односно бугарското пристаниште и сите други превозници кои ќе бидат учесници во транспортот на стоки кон Македонија, Србија и Косово да добијат одредени бенефиции коишто ќе направеа конкурентна позиција на Република Македонија во однос на Република Грција.“

Од овие застои на железничкиот сообракај не останаа поштедени и македонските земјоделци.Вељо Тантаров претседател на Сојузот на земјоделци појаснува дека поради блокадите,земјоделците неможеле да ги набават потрбните репро материјали за пролетната сеидба.

„Штети се предизвикани со тоа што нашите возила што увезуваат минерални ѓубрива за пролетната сеидба, тешко се пробиваат до грчката фабрика за да го добијат овој материјал. Натаму, земјоделците од струмичкиот и гевгелискиот дел се жалат дека се потешко оди извозот на овие култури во Грција,“

вели Тантаров и додава дека поради моменталната висока цена на нафтата не се можни други решенија.

„Други алтернативни патишта со Грција, освен Богородица и Меџитлија не постојат. Меѓутоа, да се оди преку Бугарија или Албанија се многу високи транспортни трошоци, посебно кога цената на горивото оди нагоре.“

Инаку за неполни пет месеци поради штрајк на пристаништата, железничкиот сообракај во Грција беше блокиран повеќе од 70 дена.
XS
SM
MD
LG