Достапни линкови

Можен ли е нов бран поскапувања?


По најновите поскапувања на цените на нафтените деривати, дел од македонските стопанственици предупредуваат дека ќе ги зголемат цените на сопствените производи. Трошоците за производство се зголемија, а заработувачката задолжително опаѓа, се жали Нагиб Фејзи, сопственик на претпријатие за производство на храна.

„Ќе има покачување затоа што ние не можеме да ги покриеме трошоците. Сигурно ќе има благо покачување. Од 1 јануари до денеска ние имаме 20 насто помал рабат од порано.“

Спротивно на ваквите најави, некои од бизнисмените велат дека во блиска иднина нема да ги продаваат своите производи по повисоки цени.

„Не планираме, за кратко време, но ако дојде до подрастично покачување ќе мора. Ние се повеќе се трудиме да не ги качуваме цените, но се е на штета на профитот, на амортизацијата,“

вели Санде Давчев, сопственик на претпријатие за производство на кондиторски производи. Но дали од друга страна, високите цени на горивата, ќе ги натераат граѓаните да ги остават автомобилите дома. Мислењата се поделени.

„Нема помалку возење, ако имаш потреба ќе возиш.“
„Нема да се одрази драстично на домашниот буџет, зашто колку возиме? Сите штедиме на некој начин. Тоа ќе го осетат повеќе оранизациите.“
„Помалку нема да се вози.“


За други пак, постојаниот раст на цената на нафтените деривати, предизвикал промена на вообичаениот начин на движење.

„Повеќе се исплати со такси да се оди отколку со свое возило.“
„Треба да одам во болница, пешки одам.“


Од денеска бензинот се продава за 1.5 денар, а дизелот за 3, 5 денари повеќе. Најновото поскапување на цената на нафтените деривати, регулаторната комисија за енергетика го образложува со поскапувањето на просечната цена на суровата нафта на светските берзи, како и на зголемување на курсот на денарот во однос на доларот.
XS
SM
MD
LG