Достапни линкови

Радмила Шеќеринска, претседател на СДСМ. Од висок рејтинг не се живее


За две недели имаме избори во земјава. Кои ќе бидат вашите аргументи со коишто ќе и се спротиставите на владечката ВМРО-ДПМЕ?

Сметам дека ова се моменти каде што типичната кампања нема да функционира. Република Македонија е повторно на крстопат, дали ќе продолжи со политиката на државни порази, одлагање на интеграциите и политиката на слаба економија која значи сиромаштија и голема невработеност. А, ако граѓаните денеска живеат подобро отколку пред една година или пред 18 месеци тие ќе гласаат за власта и треба да гласаат за власта. Меѓутоа, денеска македонските граѓани се чувствуваат понесигурни, посиромашни и изолирани без никаква европска перспектива.

Меѓутоа, сите објавени рејтинзи и анкети покажуваат голема разлика во полза на владеачката ВМРО-ДПМНЕ, како вие ќе се борите со оваа разлика на изборите?

Значи, прво зборуваме за рејтинзи и рејтинзи. Мислам дека власта веќе година, година и поливина ја почна политиката во која не е битно што правам, битно е каков рејтинг ќе имам. И тие рејтинзи се плаќаат прилично добро. Ќе видиме некои прв пат чуени институти од Словенија, наводно спроведувале анкети во Македонија и тие покажале ваков резултат. Ако ситуацијата беше навистина таква, граѓаните денеска ќе живееја подобро. Од рејтинг не се живее. Она што на власта и даде подолг меден месец, тоа се огромните пари кои ги даде во маркетиншки цели. Значи, во медиумите поминаа некаде околу 20 милиони евра, наши пари. Од буџетот на Македонија, коишто владата ги дели како сака. Тој тип на поткупување на медиумите, и создавање на привид кај јавноста функционира извесно време иако јас мислам дека иницијалната поддршка на владата се должеше на убеденоста дека владата вели дека работи, се слика по сто пати дневно, дава реклами, не убедува и се надеваме дека ќе дојдат и резултатите. Да беше ралзиката меѓу владеачката коалиција и коалицијата „Сонце“ толку голема зошто ќе имаше потреба ВМРО-ДПМНЕ да создава нефер и недемократска атмосфера пред изборите? Ако беа сигурни дека толку добро стојат на анкетите немаше да треба да ја бараат таа социјал демократска партија која со двојници ќе се труди да ги земе нашите гласови и да ги префрли на ВМРО-вско конто. Значи, главниот рејтинг е 1 јуни.

Во текот на овие две години од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ упатувавте големи критики на економијата. Би сакала и тука малку да зборнеме, значи, дали вашата цел беше да го демистифицирате владиниот настап околу главниот приоритет со коишто настапија или сепак имате нешто што конкретно мислите дека треба да се подобри?

ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт со ветување дека македонската економија ќе расте рекордно со проценти меѓу 6 и 8 насто. Македонската економија лани не порасна ниту пет насто и е најслаба растечка економија во целиот регион. Странските инвеститори за коишто владата потроши толку многу пари, плаќаме по двајца специјални министри, се формираа нови агенции се пратија во странство промотори, странските инвестиции во 2007 година по сите тие политики се пониски отколку странските инвестиции во 2006 коишто исто така не беа многу големи. Странските инвестиции во Македонија се десет пати помали од инвестициите во Црна Гора, Албанија и Србија. Тоа покажува дека економијата не може да се поправи со многу реклами и сликани прес конференции. Најголемиот проблем, значи економијата не порасна, порасна трговскиот дефицит, значи Македонија повеќе купува од странство отколку што продава и тоа не може да трае бесконечно и она што е најстрашно во Македонија порасна инфлацијата. Ние во изминатите десет години како држава имавме крупни економски проблеми, стандардот беше низок, сиромаштијата беше голема, но барем се навикнавме тоа што ќе го заработиме да има иста вредност и на први и на 15 и на 31 во месецот.

Што понатаму по самитот во Букурешт на којшто не успеавме да станеме членка на НАТО? Имате ли вие одговор на ова прашање?

Оваа ситуација со која денеска се соочува Македонија не е прв тест на нашата издржливост за зачувувањето на уставното име. Денеска Груевски сака да каже дека се што ни се случило е резултат само на грчката политика. Грчката политика е причината. Проблемот е што нашата македонска владаи помогна на грчката агенда и го изработи наместо Грција грчкото вето. Некој ќе рече дека јас сега ова го кажувам само затоа што сме опозиција. Меѓутоа, ќе ви кажам конкретен пример. Во 2005 година, истата грчка влада, истиот премиер го имаше истото право на вето во ЕУ. Сите знаеме дека влијанието на Грција во ЕУ е поголемо отколку во НАТО. Во 2005 година истиот премиер, истата влада и истата Грција не ни стави вето кога го побаравме кандидатскиот статус. Истата десница и левица во Грција во парламентот постигнаа компромис и консензус за ратификација на спогодбата што Македонија ја потпиша со ЕУ. Значи, очигледно нешто се случи од 2006 до денеска за Грција да ја промени својата политика. Грчките цели останаа исти, тие сакаат Македонија да направи неприфатливи отстапки во поглед на нашето име, идентитет, јазик. Прашањето е колку ние ќе им дозволиме тоа да го направат.

Дали вие ќе прифатевте промена на уставното име? И дали сте подготвени за компромис со Грција ако станете власт или ќе ја поддржите власта ако прифати таков компромис?

Знаете што е новината после Букурешт, тоа што Груевски немаше храброст да му го соопшти на својот народ. Дека Груевски прифатил промена на уставното име, тој кажал да за предлогот Република Македонија Скопје. И ако кажал да не знам зошто тоа го крие и зошто денеска тврди дека само ако тој биде на власт уставното име ќе биде зачувано. Не тој со уставното име направи компромис, а немаше храброст да одбрани дека тој компромис е можеби добар. Се криеше од јавноста и упорно сака да игра некоја чудна, лажна патриотска игра. Значи, тој тип на молчење и трикови во политиката не доведе во позицијата двоја нула. Она што сега ни треба е да се седне, да се има стратегија, којашто очигледно ја немаше, да се има план. Да не се прават игри меѓу премиер и претседател, туку владата и претседателот навистина добро да соработуваат и да се седне и разговара кои се нашите стратешки приоритети. Како да го зачуваме идентитетот, а како да не ги изгубиме европските и НАТО перспективи и за тоа има решение. Ако имаше решение во 2005 убедена сум дека има решение и сега. Ама, за тоа не може да импровизираме со изјави, туку треба да се избориме.
XS
SM
MD
LG