Достапни линкови

logo-print

Медведев ја презеде претседателската должност


Владимир Путин и официјално, по осум години на власт, веќе не е претседател на Русија. Функцијата му ја предаде на Дмитри Медведев, лојален помошник и пријател, кој, поддржан од Путин, убедливо победи на изборите пред два месеца. Но, колкава сега ќе биде вистинската моќ на Медведев? Посматрачите велат дека сите знаци покажуваат оти Путин ќе продолжи да владее и како премиер на Русија.


Милиони руси ја гледаа денешната инаугурација во Кремљ на нивниот нов претседател Димитри Медведев. Трет во новата руска историја. Неговиот претходник Владимир Путин и се заблагодари на администрацијата, но се осврна и на претстојните задачи:


„Се уште претстои напорна работа. Убеден сум дека сте подготвени и оти ние ќе ги оствариме целите. Секако му пожелувам успех и на Медведев“.

Но, некои во Русија сметаат дека предавањето на власта е само козметички потег. Путин се уште ужива огромна поддршка меѓу русите и повеќето мислат дека тој ќе продолжи да владее и од неговата нова позиција, премиер на Русија.


„Мислам најискрено дека не може да се зборува за вистинско предавање на власта. Сите владејачки структури што ги формира Путин и натаму остануваат. Уште повеќе, Путин ги презеде сите мерки и како премиер да задржи некои претседателски права“.

Вели Евгениј Волк, директор на московската канцеларија на Херитејџ фондацијата од Вашингтон, дополнувајќи дека во минатата недела Путин потпишал декрет со кој супервизијата врз регионалните гуверенери ќе ја врши владата, а не како што беше досега, претседателскиот кабинет. За политичкиот експерт Алексеј Малашенко причината за овој и за неколкуте слични потези на Путин е едноставна: тој сака да ја зачува власта.


„Мислам дека најдобар начин за Путин е да му ги врзе рацете на Медведев. Секако никој од нив нема некогаш да го признее тоа. Како што сега изгледа Медведев можеби нема четири години да биде претседател. Наскоро Путин би можело да го замени“.

Тоа Малашенко го објаснува со фактот дека четириесет и две годишниот Медведев кој дипломира на истиот Правен факултет во Санкт Петерсбург како и Путин, целата своја кариера ја мина како негов помошник и близок пријател. Сепак, не се искучуваат некои недоразбирања меѓу нив, но тие би биле решени во поза на Путин.


„Не исклучувам контрадиторност меѓу двајцата, особено за инфлацијата. Ако продолжи медведев ќе биде принуден да најде некој кој е одговорен за скокот на цените. Тука можеби нема да најде поддршка од премиерот и од владата“.

Вели рускиот аналитичар Евгениј Волк.
XS
SM
MD
LG