Достапни линкови

Потребна е државна стратегија која ќе овозможи контрола, велат експертите


Во земјава се присутни структури кои работат за интересите на соседните држави, а особено влијателна е грчко-српската оска на дејствување, потврдуваат експерти од областа на разузнавањето. Македонија ќе биде предмет на интерес и заложник на стратегиите на државите од нејзиното окружување се до нејзиното целосно интегрирање во евроатланските структури, велат упатените. Ваквите структури работат според однапред определена агенда и стратегија, а опасноста од нивното влијание треба да се процени навреме, вели Владимир Пивоваров, поранешен шеф на военото разузнавање:

„Апсолутно има такви структури кои јавно се декларираат и кои нормално работат разузнавачки и тоа кај нас се чувствува, директно или индиректно.“

Дека Македонија е интересна за структурите кои работат во интерес на Атина и Белград, се согласува и проф. Стефан Буџаковски од Факултетот за општествени науки:

„Практично разузнавачките служби на Грција и Србија кои што тесно соработуваат се насочени на проблемот за решавање на прашањето со Македонија. Она што значи дека имаат позиции и во Македонија но и на Косово, последните сознанија укажуваат дека грчките служби работат и со дел од албанскиот елемент, стиумулирање на некави најави за конфликт, штитење на граници итн.“

Овие структури се инфилтрирани во сите сегменти на општеството, предупредуваат експертите, а влијанието на нивното дејствување не треба да се занемари, велат познавачите на оваа област.

„Таа агентурна мрежа секаде ја има и во криминалните структури и во политичките врвови и во политичките партии, значи можно е и опозиционото делување.“

Токму затоа потребна е државна стратегија преку која надлежните институции ќе го контролираат дејствувањето на овие структури, посочува Пивоваров:

„Ние ја немаме стратегијата, тоа е главен проблем. Доколку имаме стратегија ваквите структури апсолутно ќе имаат многу помал простор за инфилтрирање и помал простор за добивање позитивни резултати за нивната агенда.“

Во насока на поефикасна контрола и спречување на работата на овие структури експертите предлагаат централизација на оваа област, односно поврзувавање на разузнавачките служби во земјава со цел вкрстено користење на заедничките информации.
XS
SM
MD
LG