Достапни линкови

logo-print

Али Ахмети, претседател на ДУИ. За доброто на сите е изборите да бидат слободни, фер и демократски


Г-ние Ахмети, вашата партија беше подносител на идејата за предвремени избори што очекувате дека ќе сменат изборите во земјава?

Ова е многу интересно прашање. Јас очекувам многу нешта да се сменат и да не се повтори тоа што се случи во 2006. Очекувам сега да имаме еден коректен и праведен однос во правец на почитување на вољата на мнозинството граѓани Албанци во Македонија, и таа волја да се одрази во претставување на интересите на Албанците при градењето на новите коалиции. Јас не прејудицирам кој ќе победи, но праведно би било волјата на мнозинството на заедницата секако да се почитува зашто само на ваков начин ние ќе градиме одржлива политичка стабилност и нема да ни се повтори она што ни се случи во изминативе 18 месеци во Собранието на Македонија. Ако ни се случи 2006 уште еднаш, тогаш престанува смислата зошто кај Албанците да постојат две или три политички партии, или зошто тогаш Албанците да гласаат? Јас сум повеќе од сигурен дека тоа што и се случи на Македонија во 2006 година нема да се повтори во иднина. Очекувам многу прашања да влезат во потребниот колосек. Нас не очекуваат многу важни работи како што е приемот на Македонија во НАТО, потоа почетокот на преговорите за зачленување на Македонија во ЕУ како и други прашања кои се однесуваат на работи внатре во државата, прашања кои произлегуваат од Охридскиот договор како што е законот за употреба на јазиците, решавањето на легалниот статус на поранешните членови на ОНА, законот за полиција, законот за употреба на симболите на етничките заедници, како и градењето на стратегијата за економски развој на државата кое е едно неопхoдно прашање за сите граѓани на Македонија.

Имаше многу малку прашања околу кои можевте да постигнете согласност со власта во изминативе две години, но лесно се сретнавте на темата избори. Стои ли некоја стратегија во позадина?

Јас мислам дека вистинската причина ја препозна и самиот господин Груевски и парламентарното мнозинство бидејќи не можеше веќе да се оди напред во Македонија со една Влада која половината беше во оставка, со едно Собрание кое седниците ги одржуваше со многу тешкотии поради немање кворум, немаше добра соработка и во самата коалиција, имаше големи спротивставености во неа , така што ова беше момент што сите го разбраа, на сите им стана јасно дека требаше да дојде до ваков исход, иако за ова што се случи во Македонија ние одамна алармиравме. Иако правеа големи напори од актуелната коалиција таа вештачки да се одржи, на крајот се виде дека со допинг или со други медикаменти не може да се лекува таа коалиција. Единственото решение беше да се распушти Собранието и да се оди на нови парламентарни избори и да се формира една нова формација која ќе ги преземе големите одговорности кои ја чекаат државата.

Ако на овие избори освоите најголем број гласови меѓу албанскиот електорат а сепак не станете дел од Владата, што ќе преземете?

Јас мислам дека тоа нема да се повтори, нема да се случи затоа што по осумнаесет месеци или по една година ќе имаме пак предвремени парламентарни избори во Македонија. Ние не можеме да си играме со чувствата на граѓаните Албанци во Македонија. Ако уште еднаш се случи како што се случи во 2006 јас мислам дека тие луѓе што ќе преземат ваква погрешна одлука не ја сакаат Македонија, и тие сигурно се определени за некој друг концепт а ние тој не го знаеме.

Што е тоа што нудите подобро од на пример вашиот главен конкурент ДПА?

Ние имавме легитимитет, нам ни верувале граѓаните, Албанците во Македонија, и секако ние баравме тој легитимитет и таа волја да ја претставуваме и во Владата. Нашата понуда е сеуште отворена за сите работи што ги направивме а граѓаните на Македонија позитивно ги оцениле а за другите работи што сме ги ветувале дека ќе ги оствариме, граѓаните на Македонија се сигурни дека ние ветувањата и ги исполнуваме за разлика од другата партија која неправедно ги претставуваше Албанците во власта и која ветуваше а ниту едно ветување не исполни. Ова не се случува и со ДУИ. ДУИ тоа што го ветува и го реализира. Тука е разликата меѓу ДПА на господинот Тачи и ДУИ.

Дали очекувате инциденти во текот на кампањата како и на самиот изборен ден и кој би можел да ги предизвика?

Мислам дека за доброто на сите, на целата држава е изборите да бидат слободни, фер, демократски, прифатливи за сите страни. Главната одговорност за овие избори ја има самиот господин Груевски заедно со неговите партнери од коалицијата бидејќи тие ги имаат контролните механизми, механизмите што треба да гарантираат граѓаните да излезат слободно и да ја изразат својата волја. Сите политички субјекти кои учествуваат на овие избори треба да апелираат кај своето членство да нема проблеми, и не само со апели и со соопштенија туку и со конкретни делувања на терен. Затоа овие избори се многу важни за нас како држава, за почетокот на преговорите со ЕУ, за зачленувањето на државата во НАТО. Ако на овие избори има инциденти сигурно е дека ние ќе се оддалечиме од НАТО, од ЕУ, бидејќи тоа е еден од главните услови за да се биде дел од НАТО и ЕУ да има слободни, демократски и фер избори. Така што одговорноста е на сите, но главната одговорност им припаѓа на интитуциите на државата да гарантираат слободни избори.

Имате ли конкретна стратегија и предлог за тоа како македонија да влезе во НАТО заедно со Хрватска и со Албанија?

Сигурно е дека ние сме многу заинтересирани Македонија да не се оддалечи од јадранската тројка. На сите средби што јас ги имав со претставници на меѓународната заедница се обидувам да лобирам оваа воља на граѓаните на Макдонија да се почитува со прием на државата во НАТО. Сигурно е дека ние сме придонеле и ќе бидеме дел од процесот на решавање на несогласувањето со Грција која постави вето на самитот на НАТО во Букурешт. Ние сме ветиле и на средбите што беа одржани со политичките партии дека ова е едно големо и важно прашање и дека ние ќе придонесеме на конструктивен начин за постигнување договор или за решавање на неусогласеностите со Грција за да станеме членка на НАТО.

Како гледате на тоа што Македонија сеуште не го признала Косово и очекувате ли проблеми при демаркацијата на границата со Косово?

Јас не ги знам вистинските причини зошто Македонија сеуште не ја признала независноста на Косово, дали ова се случило поради заострување на односите меѓу партнерите во самата Влада, во моментот кога господинот Тачи рече дека независноста на Косово ќе се случи кога за тоа ќе одлучи ДПА и дали оваа изјава негативно влијаеше кај господинот Груевски со што тој можеше да се чувствува навреден затоа што господинот Тачи презеде одговорност за нешто што е многу важно или можеби се плашат од некоја провокација од соседната држава Србија или имаат некое друго сценарио за кое јас не знам.. Јас мислам дека ова е еден момент кој ние не можеме да го избегнеме, не можеме да го заобиколиме, така што треба да се признае незвисноста на Косово, затоа што ова е и воља на сите Албанци во Македонија и ова позитивно ќе се одрази на зближувањето на самата држава Македонија со Косово затоа што имаме многу зеднички интереси како во економскиот така и во другите сфери на заеднички интерес.
Мислам дека прашањето за демаркацијата е техничко прашање и не треба да се политизира и да се употребува за да се демонстрира патриотизам од било која страна, но ивие прашања треба да се решаваат почитувајќи ја вољата на граѓаните и локалните жители бидејќи се работи и за нивните имоти и не е многу важно дали една ливада ќе биде понаваму или понатаму, но важно е во ова прашање да се одрази вољата на локалните жители за да им се создадат услови за слободно да ги обработуваат нивните имоти во случај некоја нива или ливада остане на едната или на другата страна. Уште еднаш кажувам дека ова е техничко прашање кое не треба да добие политички димензии. Јас мислам дека од двете страни има добра волја да се реши ова прашање, сега заедничките комисии работат во оваа насока и треба да се видат резултатите од нивната работа.
XS
SM
MD
LG