Достапни линкови

Во несогласувањата меѓу Македонија и Грција не е проблем само името


,,Балкански соседи,, е насловот на анализата на грчкиот новинар Такис Михас објавена во весникот Вол Стрит Џурнал, а се однесува на причините за спорот меѓу Македонија и Грција. Во неа тој наведува дека не станува збор само за името Македонија, туку за повеќе историски стереотипи кои не можат да бидат надминати без сериозни разговори меѓу двете земји.

По неодамнешниот престој во Скопје, американската амбасадорка во НАТО Викторија Нуланд изјави дека дебатата меѓу Грција и Македонија би требало да се реши во наредните денови или недели. Камо да беше така. За жал, таканаречениот спор со името е премногу комплексен за да биде решен лесно. Прво тука е името: Грција сака од северниот сосед да го смени уставното име Република Македонија со некое друго, можеби со префиксот Нова или Горна. Се дотогаш Грција ќе го блокира влезот на Македонија во НАТО и Европската унија. Тука е и спорот околу македонската нација. Од крајот на Втората светска војна Грција постојано одбива да признае дека таа постои, оценувајќи дека е вештачка творба на поранешниот југословенски лидер Тито. Според таквиот поглед, единствени вистински македонци се етничките грци. Другите за официјална Атина се скопјани. Постои и прашањето за јазикот. Грција не признава македонски јазик, наведувајќи дека тоа е локален говор или дијалект. Конечно тука е прашањето со, како што се наведува во анализата, славо македонците кои избегаа од Грција по Втората светска војна. По поразот на Демократската армија предводена од комунистите во грчката граѓанска војна многу од нив беа прифатени во земјите од поранешниот советски блок, а околу триесет илјади и во југословенската република Македонија. Нивните имоти во Грција беа конфискувани од државата и предадени на другите жители во тој регион. Во почетокот на осумдесетите години, владата на социјалистот Андреас Папандреу дозволи нивно враќање, но само доколку станува збор за етнички грци, а не и за македонци. Овие четири сфери на недоразбирање се поврзани, вели Такис Михас во анализата објавена во Вол Стрит Џурнал и додава: Сево ова ги зацврсти страхувањата и стереотипите што жителите на двете земји ги имаат за себе. Грците во постоењето македонски народ гледаат скопски иридентизам, а македонците во тоа негирање гледаат културен геноцид и хеленизација на словенското население во Северна Грција. Во минатиот век цели градови и села исчезнаа од картата, исто како и имињата на цркви, манастири, планини, езера и реки. Словенските семејни и лични имиња беа заменети со грчки, а јавната употреба на македонскиот јазик беше забранета. Спорот меѓу Македонија и Грција не е само околу името, туку задира и во националните митологии, симболи и истории. Со други зборови, станува збор за вообичаени балкански прашања околу кои луѓето во регионот се убиваа во минатото. Не е можно лесно решение, а и компромисот за името нема да го отстрани другото во основниот конфликт. Се додека на сите други проблеми нема да им се пристапи отворено и искрено, обостраната недовреба ќе опстојува. Доколку Атина и Скопје во изминатата декада водеа сериозни билатерални или мултилатерални разговори за сите точки, а не само за името, можеби немаше да се најдат во нивната сегашна апсурдна положба, заклучува Такис Михас во анализата објавена во Вол Стрит Џурнал.
XS
SM
MD
LG