Достапни линкови

Македонија продолжува да соработува со Соединетите држави во борбата против тероризмот


Македонија продолжува да соработува со Соединетите држави во борбата против тероризмот, оцени Стејт Департментот во најновиот извештај. Во него се додава дека водечка земја во поддршката на глобалниот тероризам е Иран. Сепак општа е оценката дека земјите стануваат се подобри во борбата против тероризмот.

Во извештајот на американскиот Стејт департмент се наведува дека Македонија усвои закони за нуклеарна безбедност и против тероризам и оти македонски војници учествуваат во операциите во Авганистан и во Ирак. Исто така, се посочува и соработката во уништувањето на оружјето и во акциите против, како што се додава домашните и регионалните терористички групи. Во извештајот се посочува дека македонското раководство ги доставува разузнавачките информации за потенцијалните терористички организации кои дејствуваат на територијата на Македонија или поминуваат низ територијата на државата. Владата соработува и со регионалните партнери во Европската Унија и работи со Интерпол и други меѓународни агенции. На македонските напори им пречи порозноста на границата со Косово, заклучува Стејт департментот во извештајот во кој, очекувано, Иран е посочен како најголем поддржувач на тероризмот во светот во минатата година.

„Тие ги поддржуваат телибаниците во Авганистан и милитантите во Ирак. Очигледно ги поддржуваат и Хезболах и Сирија во нивните активности во Либан. Овие четири сфери покажуваат колку Иран е ангажиран. Се меша во внатрешните работи на други земји. Станува збор за државна политика и против тоа можете помалку да сторите отколку кога на спротивната страна имате недржавен актер. Затоа и го ставивме Иран на првото место.“

вели за Радио Слободна Европа Дел Дејли, координатор во Одделот на Стејт департментот за контратероризам. Тој сепак посочува дека владите во минатата година ја подобриле нивната способност да се борат против терористичките групи. Дејли тука пред се ја посочува легислативата која на земјите им овозможува да им ги прекинуваат финасиските извори на терористите и да се во постојана потрага по оние што подготвуваат терористички акти.

„Се ова се случува сега, а така не беше пред пет или шест години. Значи земјите стануваат се подобри во оваа сфера. Спроведување на законите, размена на информации врз меѓународна основа, подобрени капацитетите на воените и полициските системи. Обединетите нации имаат јасна стратегија во контратероризмот. Сето тоа не прави посилни во борбата против тероризмот, во секоја земја посебно, регионално и меѓународно.“

заклучува за Радио Слободна Европа, координаторот во Одделот на Стејт департментот за контратероризам Дел Дејли во врска со последниот извештај за тероризмот во светот во минатата година.
XS
SM
MD
LG