Достапни линкови

Погрешна е политиката стратешки партнери да се бараат во ограничен број држави, оценуваат експертите


Во македонскиот државен врв го потенциираат нашето стратешко партнерество со Соединетите држави како едно од најважните, но извори оттаму признаваат дека во државава непостои поширока стратегија околу барањето и на други сојузници кои би ја подржувале земјава посебно во период на еден голем проблем како спорот со името. Во прилог на ова говорат фактите, ние сеуште се занимаваме со прашања за домашна употреба. Сеуште немаме изградено успешна кохабитација на релација претседател-влада, а дополнително се подготвуваме за предвремени избори за кои што меѓународната заедница ни укажа дека не се неопходни во овој период, коментираат наши извори. И според експертската јавност погрешна е политиката, стратешки партнери земјава да бара само во ограничен број држави:

„Се покажа еве токму во однос на членството во НАТО дека и покрај тоа што најмоќниот лобист беше на наша страна не се ефектуираше поканата, односно не добивме покана.“

„Во вакви услови треба да им помогнеме на нашите партнери со тоа што ќе најдеме и други сојузници кои ќе го туркаат фронтот,“


забележуваат професор Биљана Ванковска и аналитичарот Слободан Чашуле.
Додека Грција е во интензивна диполоматска битка и вчера грчкиот премиер Костас Караманлис при посетата на Москва побара отворена подршка од Русија за спорот со името, македонските експерти посочуваат дека кај нас таа шанса се пропушта. Земјава не треба да ,,влегува со страв“ во градењето на односите со Русија или со Кина, додаваат тие.

„Не гледам зошто не би ги искористиле потенцијалите со Русија, на извесен начин да лобираме за нашата кауза, за името во случајов, кое е глобално станува меѓународно прашање, односно се одлучува на ниво на ОН, а не на ниво на некакви билатерални односи.“

„Кога ќе ја убедиме една Русија, заедно со САД, Кина, Индија да застанат на наша страна, дефинитивно позицијата на Грција нема да е тоа што е сега.“


Македонија освен со Соединетите Држави согласно аспирациите за членство во Европската Унија, засега ,,кокетира“со двете страни, но често поради погрешната дипломатска политика се наоѓа во ситуација да мора да балансира, вели професор Ванковска.

„Во долгорочна перспектива, значи ако на членството во НАТО гледаме како на влезница за ЕУ мора да бидеме начисто дека ние во еден момент ќе мораме да се одвоиме од САД и да се приклониме кон оној камп за кој сме се определиле, а тоа е кампот на ЕУ.“

Експертите уште додаваат и дека Македонија во освојувањето на што поголем број сојузници не треба да ја заборави Франција која отворено се стави на страна на Грција, а подршка треба да се бара и пошироко во т.н. земји во развој кои сочинуваат две третини од државите членки на ОН.
XS
SM
MD
LG