Достапни линкови

И покрај инцидентите партиите уверуваат дека на терен работат на смирување на членствово


Министерството за внатрешни работи привела едно лице кое се сомничи за вчерашниот инцидент во Велес, кога во куќата на претседателот на меснатаорганизација на СДСМ, беа испукани четири куршуми. Истрагата за овој инцидент, како и за последните неколку се уште трае, велат од македонската полиција. Првичните сознанија покажале дека не се работи за меѓупартиска пресметка, но дали против сторителот ќе биде покрената кривична пријава ќе се знае откако ќе се обезбедат потребните докази, вели портпаролот на ресорното министерство Иво Котевски.

„Секој инцидент се третира одделно, како криминален чин, без разлика кои се мотивите. Исклучително тешко е докажувањето, особено кога претходно нема никакви закани, кога оштетените многу малку или пак воопшто не соработуваат со полицијата, ниту пак од кого добивале закани, освен што тоа го прават, веројатно по нечиј налог преку медиумите.“

Предизборниот период да не се злоупотребува за маркетиншки цели, а политичките партии да не му даваат политички предзнак на секој инцидент апелираат од полицијата.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ велат дека преку редовни средби со своето членство се обидуваат да влијаат на спречување на изборните инциденти.

„Апсолутно ние ги одржуваме средбите во овој предизборен период и редовна точка на дневен ред е на нашето членство да му објасниме колку е битно овие избори да бидат демократски и фер,“

изјави Илија Димовски, од ВМРО-ДПМНЕ

Од опозиционата Демократска Унија за интеграција ги осудуваат инцидентите врз партиските штабови и членови. Работиме со ладна глава, вели Агрон Буџаку од оваа партија

„Ние работиме на теренот, партиските органи во сите штабови и партиски ограноци да го смириме нашето членство да не презема никакви инциденти.“

Запалените канцеларии на Демократската партија на Албанците во кумановско Липково, фрлената бомба во куќата на поранешниот заменик министер за одбрана Талат Џафери, пукањето во штаб на СДСМ во скопската населба Лисиче, се само дел од инцидентите што се случија изминатите неколку дена. Виновниците за овие настани за полицијата се уште се непознати. Причината велат од МВР не се партиските притисоци, туку недостигот на веродостојни докази.
XS
SM
MD
LG