Достапни линкови

Владата не одговорила на барањето на претседателот за средба на државниот врв со Димитров


Нови консултации на медијаторот Метју Нимиц по негово барање со македонскиот и грчкиот преговарач во спорот со името меѓу двете земји. Прв на консултации денеска и утре е македонскиот амбасадор Никола Димитров, а во четврток и петок на посебна средба со Нимиц ќе разговара грчкиот преговарач Адамантиос Василакис. Од Кабинетот на претседателот информираат дека биле запознаени за претстојната средба Димитров-Нимиц. Пред заминувањето на македонскиот преговарач, претседателот упатил барање до премиерот за одржување на средба на државниот врв како што досега беше вообичаено пред секои разговори за името, но од Владата не добиле никаков одговор. Поради тоа претседателот Црвенковски одржал средба само со амбасадорот Димитров, информираат од неговиот кабинет. Во Владата ваквите информации не сакаат да ги коментираат. Оттаму засега молк за тоа зошто не се одржала вообичаената средба. Инаку, извори од кабиентот на шефот на државата велат дека бидејќи новите разговори се на иницијатива на Нимиц, Димитров е отиден пред се да ги чуе насоките на медијаторот. Според најавите медијаторот Нимиц треба да изготви нова рамка во која што понатаму ќе се движат преговорите. Ставот на земјава пак како што посочуваат наши извори, претходно соопштен и од страна на претседателот, е дека државава останува во процесот на преговори, со подготвеност за изнаоѓање на компромисно решение, но не по секоја цена. И додека по неуспешниот самит на НАТО во Букурешт навлегуваме во нова рунда преговори за името, чие завршување, последно е условено со временска рамка до 9 јули, на што посочи генералниот секретар на НАТО Јаап Де Хоп Схефер, домашната експертска јавност се помалку верува во изнаоѓање решение. Професорот по меѓународно право Димитар Мирчев забележува:

„Ако има нов предлог, кој би бил поблизок до грчкиот став, сигурно е дека ќе се прекинат повторно, па консултации, па нови предлози итн. ќе се завлече таа работа прилично. Решението може да се најде на подолг рок, со дополнителни притисоци, консултации од страна на Соединетите Држави или ЕУ.“

Во меѓувреме грчките медиуми пишуваат дека посредникот Нимиц планира да излезе со нов предлог за решение на спорот. Грчкиот весник „То Вима“ го наведува името Нова Македонија инаку и претходно споменуван од грчка страна, како можен нов предлог, што како што пишуваат грчките весници за Атина е прифатлив. Професор Димитров посочува дека станува збор за стар предлог одбиен од наша страна пред 15 години:

„Тоа беше веднаш одбиено. Има една друга можност Нова Република Македонија што можеби би било прифатливо и наликува на оние предлози Демократска, Уставна, Независна... но тие им се ним неприфатливи.“

Истакнува професор Мирчев.
XS
SM
MD
LG