Достапни линкови

Новинарската фела еднаш засекогаш да постави професионални стандарди, вели Жанета Трајковска од МИМ


Во Македонија сеуште е дискутабилна слободата на изразување во медиумите. Ова го вели последниот извештај на „Фридом Хаус“ во кој земјава од вкупно 195 опфатени со истражувањето, се најде на стотото место. Овој проблем уредниците на поголемите медиуми во државава го лоцираат во зависноста на медиумите од политичката и бизнис елитата.

„Во овој момент во Македонија има неконтролирано трошење на буџетските средства за таканаречениот ПР систем на власта, а сопствениците на медиуми се зависни од тој тип на економска и финансиска инфузија. Се повеќе сопственици на медиумите имаат политички аспирации и обратно, бизнис елитата сфаќа дека без медиум не може да се постави во ситуација на пазарење со власта, создава една недоквакана медиумска атмосфера,“

посочува Александар Чомовски уредник и аналитичар.

Со слично мислење е и уредникот на „Утрински Весник“ Љупчо Поповски. Тој вели дека за да се надмине овој проблем сопствениците на медиумите треба да се занимаваат со профит и да бидат политички независни.

„Ќе видиме и овие денови кога ќе почне кампањата, како медиумите ќе се трансферираат во гласници на одредена политичка партија и тоа без пардон. Издавањето весници или поседувањето телевизии е за помагање за подобро информирање на населението.“

Тесната поврзаност на сопствениците на медиумите со одредени политички и економски групации создава почва за влијание врз уредувачката политика, велат од Македонскиот институт за медиуми.

„Медиумите и слободата на изразувањето во Македонија од квантитативна точка е навистина голем, на 2 милиони народ имаме над 200 медиуми. Меѓутоа, нешто друго се гледа во однос на развојот на медиумската сфера, а тоа е квалитетот на информацијата и колку медиумите се под притисок на одредени политички и економски центри,“

вели Жанета Трајковска, директор на Македонскиот институт за медиуми и додава:

„Дали има решение? Тоа е прашање за милион долари. Решение и во другите држави нема, посебно кога се говори за сопствениците на медоиумите, бидејќи тие сакаат профит и тие можат на ваков или онаков начин да ги поместат границите на професионалното работење. Она што е важно, новинарската фела да застане еднаш засекогаш заедно и да ги постави стандардите на професионалното однесување и нормативите на работење.“
XS
SM
MD
LG