Достапни линкови

Ендрју Ки, амбасадор на Велика Британија во Македонија. Очекувам и се надевам дека изборите ќе бидат мирни, нема место за насилство


Амбасадоре, Македонија веќе навлегува во процесот на предвремени избори. Сметате ли дека тие ќе поминат мирно и без инциденти, имено меѓународната заедница во земјава веќе упати апел до политичките партии да не дозволат изборни нерегуларности?

Очекувам и се надевам дека изборите ќе бидат мирни. Во извештајот на ОБСЕ за изборите во 2006 година видов дека во многу аспекти изборите беа добри, сепак имаше некои инциденти. И затоа ќе биде важно да недозволиме такви инциденти да се повторат овој пат. Кога гледам жешка дебата за суштински прашања, многу сум задоволен бидејќи тоа е важен дел од демократијата. Сепак, нема место за насилство.

Сметате ли дека изборите во Македонија беа неопходни во овој период?

Изборите се клучен дел од демократските процеси. Кога ќе се одржат тоа е прашање само за државата. Важно е изборите да бидат во согласност со сите стандарди на фер, демократски и мирни избори и да се одвиваат според дадениот законик.

Амбасадоре, мислите ли дека предвремените избори може да му наштетат на преговарачкиот процес со соседна Грција, со оглед на тоа дека нашата влада сега функционира како техничка, а парламентот е распуштен?

Лично не сум дел од преговорите, процесот на преговори предводени од ОН, но ми се чини дека преговорите може да продолжат. Видов дека има договор меѓу политичките лидери и врз основа на тоа верувам дека може да продолжат. Се надевам дека ќе продолжат со добра воља, со добра намера да се најде решение и дека наскоро ќе се најде решение.

Дали Грција со овој тврд став за името, но се чини и за македонскиот идентитет го одолговлекува македонското членство во ЕУ и НАТО, со цел поинаков развој на настаните во регионот?

Не сум свесен дека постојат вакви сили. Јас верувам дека за сите држави во регионот има голем интерес Македонија да стане членка на НАТО и ЕУ, неможам да верувам дека има такви сили кои не сакаат Македонија да биде стабилна држава.

Дали можеби на некои други сили во Македонија им одговара поинаков тек на настаните во регионот?

Во текот на овие месеци имав разговори со сите политички партии и сите тие партии се многу јасни, дека го подржуваат патот кон ЕУ и НАТО и неможам да верувам дека нема да продолжат со таа политика.

Вашата земја изрази подршка за нашето членство во НАТО. Но, подршката од Соединетите Држави е видлива и конкретно, во очекување сме и на потпишување договор со нив. Како конкретно и Британија може да ни помогне во овој процес?

Ние работевме многу пред самитот во Букурешт, ги подржувавме напорите во реформите, во политичките реформи, во одбрамбените реформи, и во Букурешт ние оценивме дека Македонија ги исполни критериумите и затоа сакавме Македонија да добие покана. Тој дел сега е завршен. Сега единствената пречка за Македонија е како што знаете, прашањето за името. Значи, прашањето сега е што можеме да направиме во таа свера. Така, ќе продолжиме да го подржуваме процесот на преговори во ОН и да истакнуваме дека и двете страни треба да бидат флексибилни за изнаоѓање на решение.

Постојат ли различни концепции во западниот свет за местото на Македонија во евроатлантските интеграции?

Мислам дека можете да прочитате во сите извештаи, во сите заклучоци и за ЕУ и за НАТО, дека земјите членки на ЕУ и НАТО подржуваат членство на Македонија, доколку Македонија ги исполни критериумите. Значи не, јас не верувам дека има различни цели.

Прашањето за името ја спречи Македонија за нашето членство во НАТО. Како да ја избегнеме истата ситуација и за нашето членство во ЕУ?

По тоа прашање ставот на Велика Британија е многу јасен. Според мене условите за напредок кон членството во НАТО и ЕУ во овој случај се поставени во критериумите од Копенхаген. Тоа ќе биде основа врз која Велика Британија ќе ја оценува апликацијата на Македонија за членството. Значи, најдобар начин Македонија да напредува ќе биде да продолжи со реформите и ние како Велика Британија ќе ја подржуваме Македонија во таа насока.

Амбасадоре веќе извесно време сте во земјава, запознаени сте со текот на реформите. Во пресрет на есенскиот извештај на ЕК, сметате ли дека може да очекуваме тој да биде позитивен?

Може, верувам дека може. Оваа година ќе биде важно изборите да бидат фер, демократски и мирни, исто така ќе треба да има уште повеќе напредок во реформите особено во осумте точки поставени од Европската Комисија за оваа година. Ние веќе ја видовме способноста на Македонија да направи напредок и верувам дека со посветеноста на државата, на граѓаните би било можно да има уште повеќе напредок оваа година.

Во оваа насока, мислите ли дека Македонија конечно годинава може да го добие долгоочекуваниот датум за преговори за членство во Европската Унија?

Се разбира дека тоа ќе биде прашање во ноември, декември, во тоа време... И пред се ќе биде прашање за Европската Комисија да ја оцени Македонија дали таа може да добие датум за преговори, дали Европската Комисија може да предложи датум. Но јас верувам дека пораките по тоа прашање се многу јасни и верувам дека со повеќе напредок особено во осумте точки, ќе биде можно Комисијата да предложи датум.

Да преминеме на економијата. По влезот на британската компанија Џонсон Мети, очекувате ли заинтересираност и на други британски фирми за инвестирање во земјава?

Да, јас мислам дека влезот на една голема британска фирма со големи инвестиции е многу добра препорака за останатите фирми и затоа јас верувам дека ќе има поголем интерес од страна на британските фирми, но кога и кои јас незнам. Имаме интерес од британските фирми, но нема ништо конкретно за сега.

Имате ли јасни забелешки од страна на британските фирми за тоа што им пречи за да одлучат да инвестираат во Македонија?

Јас верувам дека општо треба да се подобри владеењето на законите, судовите, процесите за издавање на дозволи и слично. Мислам дека генерално има проблеми, но мислам дека владата знае кои се проблемите и постојат добри напори за да се спречи тоа.
XS
SM
MD
LG