Достапни линкови

Македонските бизнисмени велат дека имаат загуби поради откажаните нарачки од соседна Грција


Спорот со името меѓу Македонија и Грција што беше причина за негативниот исход на самитот во Букурешт за македонската покана за членство во НАТО, се одрази и врз економијата меѓу двете земји. На македонскиот национален авиопревозник МАТ му се забранети прелети над грчкото воздушно небо и за прв пат на компанијата и беше образложено од грчка страна дека причината е употребата на терминот ,,македонски“ во името на компанијта, во земјава се откажаа и неколку бизнис посети на грчки делегации, беше стопиран извозот на македонското јагне, а меѓу најпогодените во екот на велигденските и првомајските празници се туристичките агенции:

„За велигденските и првомајските празници 40% од туристичките аранжмани се откажани.“

Вели Дончо Нацев сопственик на туристичка агенција во Скопје. Дека врз економските односи се одрази политиката, потврдува и македонскиот стопанственик Адем Кочан:

„Јас лично откажав нарачка во износ од 250 илјади евра, и ја најдов на друга страна, точно поради нашите односи со Грција. Си реков зошто од таму да набавувам и отидов во Комуна. Требаше картон да набавувам од Отис од Лерин. Така што генерално земено сигурно има одраз врз економијата.“

Слично искуство има и Ванчо Ордановски, чие претпријатие е во областа на информатичката технологија. Истакнува дека во овој период, македонските фирми наидуваат на лош однос од страна на грчките служби:

„Веројатно се сега малку простроги во смисла на царинските процедури, бараат повеќе документи итн. Не сум свесен дека ги прекршуваат директно меѓународните стандарди и прописи, но дека никогаш не биле попустливи кон нас, не биле.“

Ордановски вели дека сепак загубата е не само од наша страна, туку и од другата. Во загуба се и грчките компании, посочува тој:

„Секогаш е двосмерната таа соработка. Ниту ние само ним им продаваме нешто, ниту само тие нам, секогаш има двосмерен однос и нормално дека грчките бизнисмени се погодени исто колку и нашите. Тие сметале на тој бизнис кој што сега го губат.“

Сепак македонските бизнисмени посочуваат дека сега Македонија е во многу поповолна ситуација. Го издржавме грчкото економско ембарго во 90-тите години кога државава сеуште се формираше и бевме повеќе зависни, сега кога пазарот е веќе формулиран полесно се издржува, велат тие.
XS
SM
MD
LG