Достапни линкови

logo-print

Државата има механизми за ублажување на влијанието на порастот на цените, оценуваат експертите


Има механизми со кои државата може да го ублажи влијанието од постојаното зголемување на цената на нафтата врз македонската економија, велат домашните експерти. Еден од нив е да се намалат акцизите на нафтените деривати или државата да се откаже од данокот за додадена вредност за нафтата, посочува економскиот аналитичар Душан Вељковиќ.

„Да се смалат висината на давачките, пред се акцизите, во малопродажната цена на нафтените деривати. Втората можност е да се тактизира и во некој период да не се зголемува цената, дури не премине некоја граница, кога ќе мора да се зголеми, бидејќи веќе не вреди тоа што сме купиле поефтино.“

Од министерството за финансии велат дека на долг рок, овие мерки не се одржливи.

„Тие нема да доведат до рационално искористување на ресурсите, ако тргне секој од себе, нема да е мотивиран да штеди ако цените се намалат, а тоа од друга страна ќе предизвика и огромна дупка во буџетот,“

вели портпаролот на министерството за финансии, Мартин Мартиновски

Иако зголемувањето на цената на нафтата влијае на поскапувањето на повеќето производи, овој процес не се одвива директно и веднаш, објаснува Вељковиќ.

„Секое зголемување на нафтените деривати го користат некои за зголемување на цените на производите и услуги кои немаат врска со нафтените деривати. На пример, Топлификација може да каже дека зголемила цена, затоа што се зголемила цената на мазутот, но што има врска поштенски пратки или телефонски услуги? Таму нафтени деривати се користат симболично или воопшто.“

На краток рок, Македонија е зависна од нафтата како извор на енергија, велат познавачите на енергетиката. Увозот на нафта скапо ја чини државната каса, но за истата да се замени со гас или друг извор на енергија, потребно е многу време, вели професорот Атанаско Туневски.

„За нафта ќе купиш танкер, ќе го истовариш во Солун, ќе го донесеш тука и ќе трошиш. За гас, треба гасовод, па треба договор со Русите, нема лесно решение на тој проблем.“

Освен немањето државна стратегија за намалување на ударот од високата цена на нафтата која Македонија ја плаќа за увоз, Туневски посочува дека и граѓаните не ја штедат оваа суровина.

„Колку да е скап бензинот, не можеш да поминеш низ градовите од коли. Побрзо од леб ќе се лишиме отколку од бензинот.“

Последните статистички податоци покажуваат дека надворешно трговскиот дефицит во земјава расте. Имаме поголем увоз, отколку извоз. Токму суровата нафта зема најголемо учество меѓу суровините што земјава постојано ги увезува.
XS
SM
MD
LG