Достапни линкови

Законот е јасен - владата не смее да троши државни средства, велат експертите


Средби со земјоделци, со синдикати, свечености по повод изградба на станови за социјални случаи, свечено пуштање во употреба на разни објекти, градење на фискултурни сали... Владата продолжи со кампањските активности и покрај тоа што државава се наоѓа во предизборен период кога секоја активност претставува промоција, велат експертите кои додаваат дека според законот за спречување на корупцијата, во овој период владата не смее да троши државни средства:

„Законот за спречување на корупција е доста јасен дека во предизборниот период, трошењето на буџетски, државни средства мора да биде сведен на минмиум, бидејќи не само што ги фаворизира политичките партии, туку и отвора многу прашања за можна манипулација и злоупотреба.“

Објаснува политикологот Дане Талески. Тој додава дека на овој начин се ставаат во нееднаква положба партиите од власта и останатите политички партии:

„Бидејќи кога во еден предизборен период, владата троши државни пари за закуп на медиумски простор и за свои кампањи, а од друга страна политичките партии кои што ја сочинуваат владата исто така ќе трошат дополнително нивни средства за претставување, ги става во една неправедна ситуација – политичките партии кои се во владата и политичките партии кои се во опозиција.“

Посочува Талески. Во Владата пак велат дека кампањите се само продолжение на активности претходно испланирани во буџетот. Термините само се поклопуваат, изјавува владиниот портпарол Ивица Боцевски:

„Смее да троши владата затоа што токму овие средства се веќе испланирани, овие средства се веќе потрошени и станува збор само за фактичка реализација на средствата кои што се одамна испланирани и потрошени токму за овие потреби.“

Со оваа ситуација на подготовка за избори и воедно продолжување со владините маркетинг активности со објаснување дека парите претходно се испланирани, на виделина излегуваат законските недоречености, посочува пак поранешниот претседател на антикорупциската комисија Слаѓана Тасева:

„Изгледа како сите овие работи да беа натемпирани или програмирани така да сите отварања, почетоци, се случуваат токму сега, затоа што сега сме во период пред кампања, а кампањата ќе трае само 20 дена.“

Вели Тасева.
XS
SM
MD
LG