Достапни линкови

Србија останува на патот за решавање на проблемот на мирен начин и со дијалог


Продолжувањето на мандатот на УНМИК и најавеното одржување српски избори на Косово, беа двете теми за кои на синоќешната седница на Советот за безбедност на Обединетите нации повторно се кршеја копјата меѓу Белград и западните земји во Советот. Српскиот претседател Борис Тадиќ уште еднаш оцени дека еднострано прогласената независност на Косово претставува незаконски акт, но оти Србија останува на патот за решавање на проблемот на мирен начин и со дијалог.

На седницата Советот за безбедност всушност го разгледа редовниот извештај за ситуацијата на Косово во изминатите три месеци. Српскиот претседател Борис Тадиќ побара продолжување на мандатот на УНМИК во согласност со резолуцијата дванаесет четириесет и четири, додавајќи дека Србија силно се противи на префрлувањето на надлежностите на оваа мисија без за тоа да има одлука на Советот за безбедност. Шефот на УНМИК Јоаким Рикер најави дека мисијата ќе ја продолжи да работи, но оти сега во многу се смениле условите од моментот кога таа ја почнала работата пред девет години. Притоа тој ја наведе независноста на Косово, како и претстојното стапување во сила на косовскиот устав, предвидено за петнаестти јули. Рикер предупреди дека одржувањето на српските локални избори на Косово негативно ќе влијае врз односите меѓу србите и албанците. Но, Тадиќ го повтори ставот дека Србија го смета Косово за неотуѓив дел и затоа е посебно значајно на единаесетти мај таму да одржи локални избори.

„Ние не правиме насилство на Косово, ние правиме се што е во наша моќ да ги заштитиме не само србите, туку исто така и другите луѓе кои живеат на Косово. Ние го штитиме меѓународното право.“

Изјави Тадиќ по седницата на Советот на која говореше и косовскиот премиер Хашим Тачи кој, како што изјави, ги претставил успесите на институциите и на народот на Косово. Во врска со најавените избори тој рече:

„Мислам дека по изборите на единаесетти мај, Белград ќе ги преразгледа новите односи со Приштина. Секако и зошто да не ја признае независноста на Косово затоа што без тоа Србија не може да стане дел од НАТО и Европската унија.“

Американскиот амбасадор во Њујорк Залмај Халилзад повикувајќи ја Србија да соработва оцени дека изборите не треба да бидат спроведени

„Очигледно е дека Косово и Србија треба да се ангажираат на прашања од заеднички интерес, но на Србија нема да и биде од помош ако не ја прифати косовската независност. “

И постојаниот претставник на Британија Џон Соерс наведе дека организирањето на избори „врз етничка основа би биле фактор на раздор и не би биле корисни.

„И натаму Србија и Русија одбиваат да ја прифатат реалноста за независно Косово. Секако, многу дрги земји, вклучувајќи ја и мојата го прифаќа Косово како независна држава.“

Рускиот амбасадор Воталиј Чуркин пак повтори дека резолуцијата дванаесет и четириесет и четири мора да се почитува и оти Уставот на Косово е нелегитимен.
XS
SM
MD
LG