Достапни линкови

Хрватска и Албанија го почнуваат првиот круг пристапни преговори со НАТО


Во мегувреме денеска во Брисел Хрватска го почнува првиот круг пристапни преговори со НАТО, чија членка треба да стане во пролетта 2009 година. Се очекува дека протоколот за пристапување на Хрватска ќе биде потпишан во јули годинава. Токму затоа, Брисел и Вашингтон му посочија на македонското раководство дека доколку до тогаш не се постигне решение за спорот со името, Македонија ќе го испушти овој турнус за членство во Алијансата.

Хрватска на 3 април на самитот на НАТО во Букурешт доби покана за членство во Алијансата, а пристапните преговори ги започнува денеска при што се утврдува временскиот распоред на довршување на потребните реформи кои можат да се продолжат и по стапувањето на земјата во членство. Во првиот од двата круга од преговорите се разговара за политичките и воените прашања, односно за тоа дали се исполнети бараните услови за пристапување во НАТО. Вториот круг е посветен на техничките прашања, како и придонесот кој земјата ќе го уплатува во заедничкиот буџет на Алијансата. За Хрватска но и за регионот, според хрватскиот претседател Стипе Месиќ, клучни за членство во НАТО се токму реформите.

„Секако дека тоа е пораката за Хрватска и нејзините настојувања да влезе во евро-атланските интеграции, но тоа е и порака и за нашите соседи да знаат дека доколку се потрудат да ги остварат стандардите и условите, можат да очекуваат дека тоа ке им се хонорира.“

За Македонија покрај стандардите за НАТО, кои во Брисел рекоа дека се исполнети, постои и познатиот услов – решение на спорот со Грција и најчество употребуваниот збор компромис за името. Македонија нема многу време до Јуни за решавање на спорот со Грција доколку сака да го фати возот за Нато, смета Професорот од Правниот факултет Денко Малески.

„Најдобро би било да се следи советот на нашите западни партнери, коишто отворено ни кажуваат дека нема да се караат со Грција заради нас, но исто така се спремни да не поддржат во некакво компромисно решение сега. Многу е битно тој проблем да се решава сега, додека е администрацијата на Буш на власт, бидејќи оттаму имаме силна поддршка.“

Меѓутоа, влегувајки во предизборна кампања, тешко е да се верува во решение на спорот поради борбата за власт која се става над државните интереси. Според Малевски дилемата на политичарите е тешка.

„Влегувајќи во тоа да се свесни дека ќе изгубат дел од гласачкото тело, но дека на тој начин ќе направат добро за државата.“

По завршувањето на пристапните преговори, поканетата земја во случајот Хрватска и Албанија упатуваат на адресата на НАТО писмо за намери, заедно со утврдениот временски распоред за довршување на потребните реформи, по што НАТО подготвува протокол на Вашингтонскиот договор, кој претставува амандман и кој по ратификацијата останува составен дел од договорот. Се очекува дека протоколот за пристапување на Хрватска ќе биде потпишан во јули годинава. По потпишувањето на протоколот следи постапка на ратификација во сите земји членки.
XS
SM
MD
LG