Достапни линкови

Лазар Еленовски, министер за одбрана. Договорот со САД - зголемена соработка со американските вооружени сили и ништо повеќе


Министре, се случи Букурешт, вие до сега речиси во секоја изјава ја истакнувавте важноста на НАТО за Македонија. Дали сметате дека државниот врв и оние коишто ги водеа преговорите можеа и требаа да направат чекор понатаму, имаа ли простор за да не и дозволиме на Грција да стави вето?

Мислам дека Македонија направи многу во поглед на добивањето на поканата за членство во НАТО, најпрвин во поглед на домашните реформи што се клучни критериуми за прием на одредена членка, значи државата да потврди дека е функционална демократија, дека реформите се процес коишто не може да се вратат назад и едноставно да покажеме дека градиме демократско општество, слично на западниот модел. Тоа ние го потврдивме, за жал излезе оваа работа со Република Грција. Ние во рамки на преговорите потврдивме дека сме подготвени за компромис, мислам дека не беше поентата едноставно Македонија да добие покана од Република Грција. За жал, тие ја реализираа својата идеја и на масата со 26-те сојузници и покрај тоа што ако ја гледаме вистината во очи треба да се каже дека ние потврдивме, како што поврди и финалното коминике од Самитот во Букурешт, дека ние сме направиле одгромен прогрес, реформите одат добро и се развива солидно демократско општество, меѓутоа останува главно и последно прашање разрешувањето на проблемот со името. Инаку, Македонија можеме да кажеме дека дови навистина многу позитивни сигнали. Не се чека нов Самит за да се затвори прашањето, нема да се влегува во нови процеси, едноставно ние ги исполнивме критериумите и се очекува брзо разрешување на ова прашање.

Поканата, на некој начин ни е веќе готова. Странците инсистираат на брзо решение токму за да ни ја врачат. Сметате ли дека може да се дојде до брзо решение? Какви се вашите проекции, во услови на техничка влада и распуштен парламент?

Добро, јас сепак не сум дел од тој процес. И покрај тоа што слушнавме дека лидерите потврдија дека ќе продолжат понатаму и покрај изборите ќе продолжат со преговорите, ќе се среќаваат и заеднички ќе ги градат ставовите во поглед на разрешување на ова прашање.

По првичната разочараност на македонскиот политички врв по исходот од Букурешт? Какви се сега плановите? Ќе продолжиме ли да праќаме војници во странските мисии?

Таа разочараност беше на ниво на цела држава, сите граѓани беа разочарани, бидејќи очекувањата беа големи и реални. Македонија ги исполни критериумите и со право ја очекувавме поканата. За жал се измеша политиката на нашиот јужен сосед за да ги помати тие цели коишто на еден начин ги загрозуваат и целите на НАТО и регионот. Ние понатаму, значи две недели после Самитот, сосема трезни во Министерството за одбрана имавме неколку состаноци на највисокото раководство, да ја пренесеме на пониските единици во рамките на Армијата, дека Македонија продолжува со одбранбените реформи. Нема крај со било која трансформација, веднаш се отвораат нови предизвици. Ние влегуваме во завршната фаза на долгорочниот план за развој на одбраната, што ни беше зацртано и пред Самитот. Едноставно треба да ја финализираме визијата како ќе се развива Армијата во наредните десет години, но тука има крупни процеси, коишто и на воено, но и на политичко ниво после треба да се одобрат. Се надеваме дека по завршувањето на изборите, по етаблирањето на новата влада и парламент, дека тие позиции ќе може да добијат политичка верификација на политичко ниво, а во поглед на војниците останува нашата долгорочна стратешка определба за учество и придонес во мировните операции. Мислам дека и јавноста беше сведок дека ние на минута до 12 пред распуштањето на парламентот ги поминавме тие битни одллуки за нашето идно учество, посебно во наредните ротации кои треба да се случат во јуни, јули и август, значи ние остануваме со ова ниво на придонес, и со истите цели и задачи како и до сега и во мисијата во Авганистан, и во Ирак, и во БИХ и во Либан.

Значи во оваа статус кво ситуација, додека очекуваме врачување на покана за членство во НАТО ние ќе продолжиме да соработуваме со Алијансата?

Не би рекол дека е статус кво. Би рекол дека навистина продолжува големиот придонес на Република Македонија во мировните операции. Тоа е нешто верификувано од нашите сојузници и нешто што се цени. Не случајно споменувавме дека тое е еден од главните адути на патот на Македонија кон НАТО. Значи, ние продолжуваме понатаму, продолжуваат и преговорите за евентуални идни учества. Но, било каква поамбициозна агенда во случајот, мислам дека е несериозна. Ние сепак се договоривме дека најпрво треба да дојде поканата, доколку, сакаме да имаме поактивно учество во одредени покритични региони во Мисиите.

Најавено е потпишување на воено технички договор со САД. Дали како Министер за одбрана имате детали од тој договор?

Најпрво, ако може да корегирам, во јавноста неточно прозвучи информацијата за воено технички договор. Не станува збор за воено технички договор, туку за договор за дополнителни безбедносни гаранции или безбедносни прашања коишто би биле дефинирани со зголемена соработка меѓу Македонија и САД. Значи, не станува збор за воено – технички договор, бидејќи тој бара повеќе детали и ратификација во американскиот Конгрес и Сенат. Ова најевројатно на ниво на извршната власт, на администрацијата на претседателот Буш, во делот на Белата Куќа, Стејт Департментот и Пентагон ќе се усогласи еден договор којшто би требало да биде потпишан. Ние во рамките на тоа, а и генерално имајќи предвид дека имаме одлична соработка со Пентагон, разговаравме за евентуални дополнителни форми на можна соработка, меѓутоа, сепак тоа не би било некој нов документ. Ние и онака имаме цврст документ со којшто соработуваме со Пентагон. Имаме цврсти односи. Огромна е поддршката на САД и на воено поле и на политичко, како што видовме и на Самитот, така што тоа е повеќе за нас во Министерството за одбрана се гледа на еден континуитет или зголемена соработка со американските вооружени сили и ништо повеќе.

Не е замена за НАТО, како што дел од јавноста тоа сака да го презентира?

Не, апсолутно. Нашиот пат останува цврст во поглед на НАТО. Идејата и поддршката на САД е токму во насока Македонија да биде членка на НАТО и како што истакнаа највисоките претставници на САД, на чело со претседателот Буш тие не гледаат во НАТО и нашето место е во НАТО.

Дел од домашните и странските аналитичари прогнозираат дека доколку Македонија не влезе во НАТО може да се дестабилизира. Какви се вашите мислења, сознанија, прогнози како прв човек на одбраната?

Добро, видете, најпрво треба да се прецизира самиот збор дестабилизирање. Ние и претходно тврдевме дека поканата за трите членки дополнително ќе влијае врз стабилизацијата која е битно да се случува и да продолжи. Сметаме дека секое проширување на Алијансата е проширување на Зоната на стабилноста, на прогресот на демократијата. Тоа секогаш се случувало од 90 наваму на ниво на цела Источна Европа. Дека Алијансата има многу поголеми предизвици на исток во Азија и конечно овој регион треба да се затвори. Тоа значи интеграција на целиот регион. Сега имаме дополнителна компликација исто со изборите во Србија и како тоа ќе одекне. Мислам дека не само за Македонија и македонскиот народ, туку и за сите држави и народи во регионот целта е една и единствена – интеграција во евро атлантските интеграции. Во таков амбиент очекуваме нормален развој на нашите човекови и демократски права. И секој граѓанин да биде задоволен и да ги ужива плодовите на демократијата. Во таа насока не очекуваме дополнителна дестабилизација, тоа се покажа и во одредени критични моменти, како што одредени експерти прогнозираа дека по прогласувањето на независноста на Косово нешто би се случило такво, до сега, напротив, токму оние проценки кои ги имавме и ги изнесувавме во јавноста се покажаа како точни, дека нема можност од поширока и поголема дестабилизација на регионот или делови од регионот. Инцидентите се веќе сосема друга категорија, така што не очекувам никаква друга дестабилизација.
XS
SM
MD
LG