Достапни линкови

logo-print

Компромис за спорот со името треба да се бара, но не по секоја цена, истакнаа двајцата претседатели


Самитот во Букурешт покажа дека Mакедонија не треба да ги редефинира крајните цели, туку треба да работи на промена на пристапот во решавањето на спорот за името со соседна Грција, изјави македонскиот претседател Бранко Црвенковски по средбата со претседателот на Сојузна Република Германија Хорст Келер. При тоа не е доволно Македонија да демонстира конструктивност која ја покажа со прифаќањето на последниот предлог на медијаторот Нимиц, како што не е доволно да ја придобие поддршката од земјите членки на Алијансата, рече Црвенковски, туку во голема мера исходот зависи и од конструктивноста на грчката страна. При тоа тој додаде и дека што се однесува на Македонија треба јасно и транспарентно пред целата јавност да ги прецизира националните интереси. Тезите дека Македонија може да чека некоја друга шанса да и се приклучи на Алијансата не држат, рече македонскиот претседател. Во име на иднината ние сме подготвени да платиме одредена цена, но не и секоја цена, заклучи Црвенковски. На прашањето дали Македонија треба да направи понатамошни отстапки во спорот за името, германскиот претседател Хорст Келер по денешната средба со Црвенковски рече дека Европа има интерес за мирно решавање на овој спор и се повика на претходната изјава на македонскиот претседател дека компромис треба да се бара, но не по секоја цена.
Иако пристигнува на покана на претседателот Црвенковски во наредните два дена од престојот во Македонија, Келер ќе се сретне со сите релевантни политички субјекти во државава – со премиерот Груевски, претседателот на Собранието Љубиша Георгиевски како и лидерите на СДСМ и на ДУИ- Радмила Шеќеринска и Али Ахмети. Односите меѓу Македонија и Германија се оценуваат за одлични. Како членка на ЕУ и НАТО Германија се смета за значаен партнер на нашава држава на патот кон евроинтеграциите како и важен економски и трговски партнер. Македонија има потпишано договори и остварено соработка со Република Германија во областа на енергетиката, туризмот, индустријата, инвестициите. Ова е прва посета на германски претседател по повеќе од една деценија. Минатата година во официјална посета на Германија беше македонскиот претседател Бранко Црвенсковски, а чести посети на Германија во последниве години остварувале и високи владини претставници. Гостинот од Германија во својата богата агенда на посетата на Македонија во наредните двата дена има закажано средби и со лидерите на верските заедници како и посета на неколку културно-историски споменици.
XS
SM
MD
LG