Достапни линкови

Македонскиот премиер Никола Груевски вчера во осуди јавниот настап на преговарачот Димитров


Метју Нимиц, посредникот на Обединетите Нации во преговорите за името меѓу Македонија и Грција, пристигна во Скопје. Според најавите, Нимиц доаѓа тука, а утре и во Атина за да ги слушне ставовите на двете страни во врска со преговарачкиот процес, односно за да провери дали има промена во позициите кај двете земји по самитот на НАТО во Букурешт, кога Грција се спротистави на зачленувањето на Македонија во Алијансата. Непосредно пред неговото доаѓање во Скопје, претседателот Бранко Црвенковски и премиерот Никола Груевски вчера одржаа средба, по која беше соопштено дека на Нимиц ќе му биде пренесен ставот дека без оглед на изборите, Република Македонија ќе ги продолжи преговорите со Грција за разликите околу уставното име. Ваквиот став е договорен и меѓу партиите на минатонеделната лидерска средба, соопштуваат од кабинетот на шефот на државата. Деновиве пак, македонскиот преговарач Никола Димитров во јавен настап предложи формирање на натпартиска стратегија за името и притоа порача дека во моменот најзначајно е да постои политичка волја кај одлучувачите за конечно да се затвори ова прашање.

„Многу често кога се зборува за ова прашање, толку значајно за сите и за нашата држава, се гледа само одговорноста каквка ќе биде одлуката по овој или оној предлог за името, меѓутоа одговорноста е и во однос на иднината. Мора да имаме една јасна платформа, до каде ќе одиме и мора да знаеме зашто ги водиме овие преговори, за да најдеме решение или за да ги водиме само преговорите, а да нема решение.“


По ова, критика упати и премиерот Никола Груевски. Тој вчера изјави дека е некоректно да се даваат анализи и оценки додека траат преговорите.

„Мислам дека неумесно е во сред преговори, без консултација со мене лично како директен учесник во сите работи, да излегува во јавноста. Мислам дека тоа му беше една грешка.“

изјави Груевски, кој притоа не сакаше да открие со каква позиција државниот врв ќе настапи на денешната средба со Нимиц. По посетата во Скопје, Нимиц утре заминува во Атина каде што според најавите треба да се сретне со грчкиот премиер Костас Караманлис и шефицата на грчката дипломатија Дора Бакојани.
XS
SM
MD
LG