Достапни линкови

Најтраен ефект може да биде враќање на Русија во еднопартискиот систем, оценка на аналитичарите


Владимир Путин стана лидер на Единствена Русија, најмоќната партија во земјата која му дава огромна бирократска база да остане клучен играч во руската политика. Аналитичарите велат дека најтраен ефект од ова би можело да биде, враќање на Русија во еднопартиски систем, каков што впрочем постоеше во Советскиот сојуз.

Во прифаќањето на поканата да стане лидер на руската владејачка партија, претседателот во заминување Владимир Путин не си обезбеди само убава работа откако ќе замине од Кремљ. Тој исто така, си постави основа од каде што ќе го контролира политичкиот систем во земјата.

„Работејќи ефикасно заедно, владата и парламентарното мнозинство овозможуваат успешен развој на економијата, подобрување на здравството и образованието, зголемување на платите и зацврстување на одбраната на земјата.“

Изјави Путин откако на Конгресот на Единствена Русија и официјално прифати да биде нејзин лидер, а откако функцијата шеф на државата во идниот месец ќе му ја предаде на неговиот наследник Дмитри Медведев и премиер на Русија. Ваквата позиција, според аналитичарите, на Путин му овозможува, доколку така и избере, неограничено да владее во Русија. Тоа, како што објаснува Олга Кристјановскаја, шефица на Институот за елитни студии при Руската академија на науките, е бидејќи Единствена Русија не е само владејачка партија, туку и единствен резервоар на политичката и бизнис елитата во земјата.

„Сега Путин ќе ја води Единствена Русија, а со тоа и Државната Дума каде што оваа партија има мнозинство. Ќе го контролира и Советот на федерацијата. Ќе ги контролира регионалните парламенти и гувернери. Неговата моќ ќе порасне.“

За дел од аналитичарите ова е почеток на обновување на советскиот систем во кој власта е кај Комунистичката партија, а другите државни функции како претседател и премиер се церемонијални. Оној што вистински владее во земјата е генералниот секретар на Комунистичката партија. Кристјановскаја вели дека овој систем сега е модернизиран и прилагоден на пазарната економија и на повеќепартискиот систем.

„Овој процес може да се нарече општа советизација. Многу механизми на државната машина личат на советските.“

Од друга страна аналитичарите се поделени околу тоа дали Путин ќе може да ја задржи контролата врз политичкиот систем откако Медведев ќе ги добие големите уставни овластувања како шеф на државата. Аналитичарката Лилија Шевстова вели дека Владимир Путин долго ја подготвувал неговата посткремљовска кариера:

„Претставете го претседателот Медведев без партија, или само како член на раководството на таа партија. Тоа значи дека лидерот е Путин и оти неговата моќ ќе расте, а на претседателот ќе опаѓа.“

Вели Шевстова. За Станислав Белковски од Институтот за национална стратегија пак, Единствена Русија не партија во класичната политичка смисла на поимот:

„Единствена Русија е клуб на бирократи и бизнисмени кои имаат една цел: да дојдат до Кремљ.“

Оценува Белковски.
XS
SM
MD
LG