Достапни линкови

Ангажирање извршители, судски процеси, долги постапки до добивањето на парите


Неможноста да се наплатат долговите од фирмите должници се уште е еден од најголемите проблеми на македонскиот бизнис. Секој работен ден ми почнува со телефонски разговори со должниците кои веќе подолго време доцнат со наплатата на долговите, раскажува Дејан Митевски, вработен во приватна фирма:

„Добавувачите сите оставаат роба на фактура на почек на недела или две, меѓутоа поминуваат тие недели, а парите ги нема.“

Со истите проблеми се соочува и Горан Дамчевски, сопственик на приватно претпријатие. Вели дека наплатата на долгови најчесто се реализира преку компензација или на почек, но според него постојат и други начини преку кои може да се забрза нивната наплата.

„Ако мене банката ми гарантира за вашето конто, јас пред да направам зделка со вас само ќе се јавам на телефон да прашам дали таа фирма има бонитет во моментот. Дали има 100 илјади евра, има. Банката во тој случај гарантира за тие пари во секое време.“

Во вакви услови, доверителите се почесто се одлучуваат за наплата на долговите по судски пат, односно преку извршители.

„Сите тие работи, извршители и други, земаат 20-30% од вкупните долгови што ги наплаќаат, кога си продал нешто и дополнително да треба да дадеш неколку уште 20% за трошоци, одиш со 15% загуба.“

Иако бизнисмените велат дека таквиот начин на наплата чини многу, тоа е единствената опција да го вратат својот долг, вели извршителот Гордан Станкович. Не пријатно кога со полициска придружба ќе се појавите кај должникот и ќе побарате итна наплата на долгот, но само во такви услови реализацијата на судските пресуди е успешна, вели Станкович:

„Имаме проблеми затоа што должникот често пати е во ситуација да избегнува плаќање, да оневозможува плаќање. Има проблеми во институционална смисла, бидејќи постојат некои недоречености во законите што исто така некои прават потешкотии во работата.“

Наплата на долгот преку извршителите се прави преку блокирање на сметките на фирмата должник, а доколку истата е веќе пасивна се прави попис на подвижните предмети што можат да се одземат. Но, неретко велат извршителите, доверителите се доведени во ситуација да неможат да го наплатат својот долг, бидејќи во меѓувреме, фирмата должник престанала да постои.
XS
SM
MD
LG