Достапни линкови

logo-print

Признавањето на косовската независност сепак ќе биде одложено поради изборите, велат експертите


Изборниот период во Македонија најверојатно ќе влијае, односно ќе го одложи процесот на признавање на Косово од наша страна, бидејќи според Уставот владата е надлежна за признавање на држави, па поради ова, една таква одлука неможе да се донесе во овој момент кога владата нема легитимет во пресрет на изборите, објаснуваат експертите. Во владата велат дека согласно регулативата ќе реагираат и во овој предизборен период, вклучително и по прашањето за признавање на Косово:

„Во однос на сите прашања Владата на Република Македонија ќе го следи тоа што е пропишано во регулативата поврзано со нејзиното делување.“

Изјавува владиниот портпарол Ивица Боцевски. Предизборниот период пак не се очекува да влијае врз процесот на работа на комисиите за демаркација на границата од македонска и косовска страна. Во овој меѓу период тие ќе си продолжат со работа, и по нивната средба неодамна одржана во Приштина, деновиве комисиите ќе се сретнат и во Скопје.

„Националната граница си е точно утврдена и техничките служби ќе ја реализираат демаркацијата според докуметните, меѓународните правила и договори со кои што работат. Таа динамика не е ,,врзана“ со изборните процеси во Македонија.“

Информира Боцевски. Согласно планот на Марти Ахтисари, процесот за демаркација на границата треба да заврши во период од една година. Дипломатски извори велат дека границата е дефинирана со договорот од 2001 година и тој е во важност без разлика меѓу кого е потпишан, поради ова коментираат тие, секое отстапување од овој договор ќе значи менување на граници. Со демаркацијата на границата како што ифнормираат дипломатски извори ќе бидат затворени 27 илегални премини. Тие укажуваат дека на ова прашање комисиите ќе работат стручно, без поголеми настапи во јавноста, бидејќи ќе се внимава двете страни да не тактизираат по ова техничко прашање и да го користат за политички поени, посебно што и во Македонаја следи предизборен период. И експертите предупредуваат на можноста Косово да биде една од темите во изборната кампања посебно меѓу албанските политичари кои и досега ова прашање го користеа за сопствен маркетинг:

„Се наоѓаме во предизборен период, при што ова прашање може да биде и составен дел на целиот тој предизборен процес.“

Посочува аналитичарот Јетон Шасивари. И политикологот Дане Талески на став дека прашањето за демаркација на границата и признавањето на Косово не треба да се проблематизира:

„Македонија уште пред Косово да прогласи независност, де факто ја призна независноста на Косово, со тоа што кажа дека го подржува планот на Ахтисари, а во имплемантацијата на планот на Ахтисари јасно се дадени чекорите за воспоставување на добри меѓусоседските односи меѓу Косово и Македонија.“

Вели Талески.
XS
SM
MD
LG