Достапни линкови

Трката за европска нормалност за Балканот попречена од силни бури


За земјите од Балканот, патувањето од крахот и војната до Европската нормалност, по се изгледа, е регата без победници. Секоја земја се приближува до целта, НАТО и Европската Унија, со сопствена брзина и со сопствени политички ветрови, пишува британскиот весник Економист, оценувајќи: Како и да е, оваа џентлменска трка, по косовската декларација за независност и по НАТО самитот во Букурешт, е попречена од силни бури.

Балканските земји се распрснаа. Три од нив се уште имаат добар ветар. Хрватска и Албанија добија покани за НАТО, Хрватска дури преговара и за членство во Европската унија. Црна Гора, која деновиве го реизбра својот претседател, трката ја започна подоцна, но напредува, пишува Економист, додавајќи: Македонија исто така беше на чело но, нејзината покана за НАТО беше блокирана од Грција поради седумнаесетиот годишниот спор со името. Бара да се нарекува Горна или Нова Македонија и го отфрли последниот компромисен предлог Репблика Македонија во заграда Скопје, наведува весникот и продолжува: Македонија е кршлива, но направи значајни чекори откако во две илјади и првата година одбегна поголема војна меѓу македонското мнозинство и албанското малцинство. За Македонија членството во НАТО е особено важно, бидејќи тоа ќе и ги гарантира границите во регион каде што многумина би можело да се обидат да ги менуваат. Постојат и страхувања дека Грција ќе ги пренесе своите опструкции и во Европската Унија каде што Македонија е кандидат од две илјади и петтата година и се надева во наредниве месеци да ги започне преговорите за членство. Кристоф Бендер, аналитичар во Европската иницијатива за стабилност вели дека грчкиот потег значи оти европската стратегија спрема Балканот има големи проблеми и тоа во еден критичен и опасен момент. Вистинската порака од она што се случи во Букурешт е дека интеграциите за НАТО и Европската Унија не се базираат врз објективни критериуми и оти секое ветување може да биде прекршено,, оценува Бендер за весникот Економист. Но, како што се наведува натаму во текстот, грчките националисти не се единствениот проблем на Балканот. Тука се и босанските од која и да било страна кои со години не можат да се договорат за полициските реформи. Гласањето во парламентот за ова прашање би можело да донесе извесен напредок, но само до идната караница. Во меѓувреме, Косово се соочува со проблеми и покрај тоа што Европската Унија се обидува да го управува. Само осумнаесет од дваесет и седумте членки на Унијата и околу триесет и шест во светот ја имаат признато новата држава. И додека евромисијата се подготвува да ги преземе клучните функции од Обединетите нации, Унијата се уште го нема воспоставено своето присуство во српските делови кои сега, како што оценува весникот, повеќе од кога и да е порано функционираат како делови на Србија, а не на Косово. Во Србија пак, анкетите покажуваат дека на општите избори во идниот месец ќе победат партиите на националистите. А тоа може да ја отргне Србија од Европа, заклучува Економист.
XS
SM
MD
LG